Француските книжарници, затворени на 18 март, почнаа со работа бидејќи Владата се обидува да најде рамнотежа меѓу потребата да ја оживее економијата и ризикот пандемијата повторно да пламне. Квартовските книжарници во Франција прво ја преживеаја телевизијата, а подоцна и појавата на интернет-трговијата. Но ни приближно ништо толку не ги загрози како двомесечното затворање поради пандемијата и на многу од нив опстанокот им е загрозен.
Носењето маски сега е задолжително, а дезинфекциски средства за раце се наоѓаат пред влезот како и на неколку места низ книжарниците за посетителите да можат да ја пролистаат секоја книга чиј наслов ќе ги заинтересира.

– Луѓето внимаваат да не ги допираат премногу книгите, ние им кажуваме дека може, но дека секојпат мора да ги дезинфицираат рацете – вели сопственичката на една книжарница во Париз, Ан-Лаура Виал.
Книжарницата побарала два помали кредити за да ја преброди кризата. Никој од 12 вработени не добил отказ. Франција е рај за библиофилите. Се разбира, постојат и големи синџири на книжарници, но оние малите и независни им даваат посебен шарм на париските квартови. Франција љубоморно ги чува својот културен живот и институциите. Субвенции, квоти и даночни олеснувања се воведени за да се поттикнат француската музика, филм и литература. За да се заштитат писателите, земјата има закон што на книжарниците им забранува уривање на цените.
Владата е свесна за проблемот.

– Имаат мали маржи, мала добивка, па може да имаат проблем со враќање на заемот. Може да имаме низа банкротирани книжарници, а со нивното повторно отворање токму тоа сакавме да го избегнеме – изјави министерот за култура, Бруно Ле Маире по посетата на една од овие книжарници.