Италијанец кој излегол од куќата да се „разлади“ по расправија сосопругата за време на изолација поради ковид-19, пропешачил дури 450 километри, објавија светските медиуми. На социјалните мрежи го добил прекарот „Форест Гамп“, по ликот од истоимениот филм од 1994 година во кој главната улога ја игра американскиот актер Том Хенкс.

Полицијата го запрела за време на пешачењето околу два часот по полноќ во градот Фано на јадранскиот брег, една недела откако тој го напуштил градот Комо на северот на Италија.

Четириесет и осумгодишниот Италијанец платил парична казна од 400 евра за кршење на полицискиот час, мерка воведена поради ковид-19.

Приказната најпрво ја објави болоњскиот весник „Ил Ресто дел Карлино“, но набргу се нашла и во другите медиуми.

Некои со коментари на социјалните мрежи го поздравија како херој и ја критикуваа полицијата за паричната казна. Други сметаат дека требало да добие награда, а не казна, односно нов пар чевли.

Другите го фалеле затоа што не прибегнал кон насилство, туку ја напушти куќата за да си ја „олади“ главата и смири гневот. Тој на полицијата и рекол дека пешачи и дека не користел превоз.

– По пат, сретнав луѓе кои ми дадоа храна и вода. Добро сум, само малку сум уморен – рекол Италијанецот, кој поминувал 60 километри на ден.

Полицијата го нашла во текот на студена вечер како оди бесцелно по автопат близу јадранското крајбрежје. Откако ги провериле податоците и откриле дека неговата сопруга го пријавила неговото исчезнување, ја контактирале и таа отишла да го земе од Фано.