Спорните лозови беа продавани во Јужна Каролина

Илјадници Американци од Јужна Каролина мислеа дека минатиот Божиќ е нивниот среќен ден, откако бензинските пумпи и продавниците низ сојузната држава продаваа серија на лото-ливчиња, кои се чинеше дека се добитни, пренесува „Њујорк тајмс“. Оние што ја забележаа неправилноста кај лозовите, купија колку што можеа ливчиња.

– Сметавме дека ќе можеме да купиме автомобил и оти ќе ги однесеме децата во Дизниленд – кажа Никол Когинс (36), додавајќи дека нејзиното семејство купувало лозови, се додека не заклучиле дека дошле до добивка од неколку илјади долари.

Но, Когинс не можела да ги добие предвидените пари, откако државната лотарија ја прекина играта, по околу два часа од пуштањето на лозовите во продажба на 25 декември минатата година. Два дена подоцна, надлежните лица објавија дека компјутерскиот систем претрпел грешка.

Добитниците ги задржаа ливчињата со месеци, надевајќи се дека ќе добијат исплата, но лотаријата завчера соопшти дека тие можат да ги предадат лозовите за да ги добијат назад уплатените пари, но не и добивката, според тамошните закони.

Адвокатот што ја застапуваше државната лотарија истакна дека грешката би ги чинела неговите клиенти 35 милиони долари во случај на потполна исплата. Оние, пак, што успеале веднаш да ја земат исплатата, собрале вкупно 1,7 милиони долари, кои ќе ги задржат. 

Дел од сопствениците на спорните лозови веќе поднесоа тужби против државната лотарија, со што уште не се откажуваат од исплатата.