Од 20 ноември, секоја сабота, во 20 часот

Од следната сабота, на телевизијата Телма ќе почне да се емитува „Агенда 21“, еколошко шоу, кое освен што ќе забавува, ќе повикува на акција за ублажување на климатските промени, глобалното затоплување и деструктивноста кон природата од страна на човекот.
„Агенда 21“ ќе ги едуцира гледачите за моменталната состојба со животната средина во земјава, што, всушност, сите заедно можеме да направиме за да се грижиме за природата, бидејќи климатските промени се реалност и за тоа треба да се преземат сериозни чекори, како индивидуално така и од страна на институциите и компаниите.
– ТВ-проектот го подготвувавме две години и бевме свесни за тежината што ja носи. Откако започнавме да снимаме во градовите и селата, уочивме дека грижата за животната средина ни е на ниско ниво. Навистина е загрижувачки да гледате депонии големи колку цели села, а истите тие се „комшии“ на нашите урбани и рурални општини. За жал, сето тоа ние како граѓани го „консумираме“ преку воздухот и почвата. Треба да преземеме акција уште денеска. Од 20 ноември, секоја сабота, во 20 часот, следете нѐ на телевизијата Телма – потенцира Виолета Дамевска-Ѓоргиева, продуцентка на проектот.
Во „Агенда 21“ ќе ги видиме познатите глумци Весна Петрушевска и Игор Џамбазов, кои се и водители на емисијата, а ќе ги придружуваат нивни млади колеги, актерите: Кристијан Ѓоргиев, Анастасија Митровска и Јована Миладинова.