Книжевниот првенец на познатата актерка и професорка Синоличка Трпкова, „Никогаш не кажувам“, беше промовиран вчера, во книжарницата „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“. Промоторка на книгата, која е издание на „Арс ламина – публикации“, е уредничката Оливера Ќорвезироска.
„Никогаш не кажувам“ е куса проза со есеистички поттекст. Нејзината организација во пет одделни циклуси и воведна, програмска приказна со ист наслов како и самата книга, го структурира читањето, формирајќи одделни островчиња на интерес, како на авторката така и на потенцијалниот читател. Започнува со крајно лични приказни со острицата на ножот вперена во раскажувачкото јас; со син и ќерка, со состојба во која „раскажувачот“ е родител; продолжува во втора целина кога „раскажувачот“ е дете; третиот циклус е мешавина и од едното и од другото, вител од родители и деца, од минато и сегашност измешани во некакво трајно постоење.
Синоличка (Ноли) Tрпкова е филмска, телевизиска и театарска актера. Долгогодишна професорка е на Факултетот за драмски уметности по предметот Актерска игра пред камера и е авторка на учебник на оваа тема, единствен на македонски јазик.