На почетокот на ноември, Барселона беше домаќин на Светскиот конгрес за паметни градови 2026 (Smart City Expo World Congress 2026), еден од најголемите светски собири посветени на паметните градови. Илјадници посетители, градоначалници, научници, инженери и најголемите технолошки компании беа на едно место. И некаде меѓу сите нив, бевме и ние, со „Мајсивик“ (MyCivic), со една македонска идеја.
Признавам, она што го видов беше импресивно, па дури и шокантно. Вештачка интелигенција што предвидува сообраќајни проблеми, дигитални копии на цели градови, системи што управуваат со енергијата, водата и со јавната инфраструктура. Технологии што до вчера изгледаа недостижни, денес веќе се применуваат во големите светски метрополи. И додека го гледав сето тоа, постојано споредував како е кај нас во Македонија.
Во светот веќе размислуваат како да го предвидат проблемот пред да се појави.
Но Барселона ми покажа и нешто друго. Во тој огромен свет на технологијата има место и за малите. За оние што немаат милионски буџети, но имаат добра идеја и доволно упорност да ја развијат.
Така започна и нашата приказна. Тројца Македонци, еден во Торонто, друг во Брисел, трет во Сиднеј. Три континенти, различни временски зони и заедничко уверување дека можеме да создадеме нешто корисно и надвор од границите на Македонија. Го создадовме „Мајсивик“, дигитална платформа што има цел да го промени начинот на кој општините комуницираат со граѓаните и управуваат со секојдневните проблеми.
Идејата е едноставна. Граѓанинот пријавува оштетена улица, проблем со водоводот или преполн контејнер. Пријавата стигнува до надлежната служба, добива рок и може да се следи до нејзиното решавање. Градоначалникот добива преглед на работата на службите, проблемите што се повторуваат и обврските што доцнат. Замислете градоначалник што секое утро точно знае што се случува во неговата општина. И граѓанин што повеќе не мора да прашува дали некој воопшто ја прочитал неговата пријава. Тоа е она што сакаме да го постигнеме.
Непосредно пред Барселона ни се придружи и уште еден човек од Македонија, кој поверува во нашата идеја и многу ни помогна околу маркетингот и подготовките за саемот. Убаво е кога ќе видите дека некој го препознава потенцијалот на она што го создавате и е подготвен да помогне.
На 4 ноември, како говорник на панелот „Стартап-презентации: владини технологии и инклузивни заедници“ (Startup Pitches: GovTech & Inclusive Communities), имав можност да го претставам „Мајсивик“ пред меѓународна публика. Три минути на сцената, три минути за идеја на која сме посветиле многу повеќе време, работа и надеж. Пред мене беа луѓе од различни држави. Зад мене стоеше трудот на тројца Македонци, разделени со илјадници километри, но обединети околу една замисла. И во тие моменти бев горд на целиот вложен труд за да стигнеме до таму. Не секој ден имате можност да претставите македонски производ на светски собир, опкружени со компании чии имиња ги знае целата планета.
Секако, свесен сум дека едно претставување во Барселона не значи дека сме успеале. Вистинскиот успех ќе дојде кога општините ќе ја користат платформата и кога ќе можеме да покажеме конкретни резултати. За тоа нè очекува уште многу работа.
Но за мене, ова искуство има и пошироко значење. Со години слушаме колку е мала Македонија, колку сме ограничени со пазарот, капиталот и можностите. А низ светот живеат илјадници наши луѓе со огромно знаење, искуство и идеи. Луѓе што работат во најразвиените економии, создаваат технологии и водат успешни компании. Колку би била поинаква Македонија ако успееме барем дел од тој потенцијал да го поврземе со нашата земја? „Мајсивик“ е нашиот мал обид да покажеме дека тоа е можно.
Сакам еден ден на вакви саеми да има многу повеќе македонски компании. Да гледаме наши производи меѓу најголемите светски имиња. И младите во Македонија да знаат дека идеите што ги имаат можат да стигнат многу подалеку од границите на нашата држава.
А ние, тројца Македонци од Торонто, Брисел и од Сиднеј, веќе го направивме првиот исчекор. Нашата идеја стигна во Барселона и го најде своето мало место меѓу светските технолошки гиганти. И ако нешто донесов од Барселона, тоа е уверувањето дека Македонија има што да му понуди на светот. Треба само повеќе да веруваме во сопствените идеи и уште повеќе да работиме за да ги оствариме.
Кирил Колемишевски

































