Археолозите во Египет открија град стар 3.000 години, што според експертите е едно од најважните откритија по откривањето на гробот на Тутанкамон, пренесува „Гардијан“.

Познатиот египтолог Захи Хавас го објави откривањето на „загубениот златен град“ во близината на Луксор, каде што се наоѓа Долината на кралевите.

– Тимот под водство на Хавас го откри градот закопан под пустината. Градот е стар 3.000 години и датира од времето на владеењето на Аменхотеп Трети, но продолжил да биде употребуван од Тутанкамон – објаснуваат археолозите во соопштението.

За археолошкиот тим, откривањето на градот е едно од највозбудливите археолошки достигнувања за Египет досега.

– Ова е можеби второ најважно археолошко откритие по гробот на Тутанкамон – рече Бетси Брајан, професор по египетска уметност и археологија на универзитетот Џон Хопкинс.

Тимот започнал со ископувања во септември минатата година, помеѓу храмовите на Рамзес Трети и Аменхотеп Трети, во близина на Луксор, односно 500 километри јужно од главниот град Каиро. На нивно големо изненадување, за само неколку недели се појавиле речиси целосни sидови и простории исполнети со алатки, накит и керамика од секојдневниот живот.

Тимот се надева дека ќе бидат откриени натамошни важни откритија, истакнувајќи дека открил и гробници конструирани слично како оние пронајдени во Долината на кралевите.

По долгогодишна политичка нестабилност која се поврзува со бунтот во 2011 година, кој нанесе голем удар на туристичкиот сектор, Египет се обидува да ги врати туристите преку промовирање на своето античко наследство.

Минатата недела, Египет ги транспортираше мумифицираните остатоци на 18 антички кралеви и четири кралици од Египетскиот музеј до новиот Национален музеј на египетска цивилизација. Поворката беше наречена „Златна парада на фараоните“, а меѓу 22-те тела беа и останките од оние на Аменхотеп Трети и на неговата сопруга, кралицата Тије.