Уте Лоц Хојман е доцентка и директорка на Отсекот за студии на доцен среден век и реформации на универзитетот „Аризона“ во САД. Неодамна таа промовира необично откритие, дневник од 17 век со фрапантни сличности со денешната состојба, напишан од британски управител на морнарица од 17 век, Семјуел Пепис. Во почетокот на април, писателката Џен Милер ги поттикна читателите на „Њујорк тајмс“ да почнат да водат дневник во текот на пандемијата на коронавирусот.

– Којзнае, можеби некогаш вашиот дневник ќе даде увид во овој период – напиша таа.
Семјуел Пепис го направил токму тоа. Тој грижливо водел дневник од 1660 до 1669 година, во времето кога владеела заразата на бубонската чума во Лондон. Епидемиите секогаш биле опасност за луѓето, но ретко имаме толку детален увид во животот на една личност во текот на кризата што се случила толку одамна. Тогаш немало состаноци преку Зум, тестирање на вирусот ковид-19 додека седите во своето возило или вентилатори, бидејќи станува збор за 17 век. Но дневникот на Пепис открива некои воочливи сличности, за тоа како тогашните луѓе одговарале на пандемијата, со она што се случува сега.

Застрашувачка криза

За Пепис и за жителите на Лондон немало начини да дознаат дали избувнувањето на заразата со чума, што се случило во парохијата Свети Џорџ, сиромашна област во близината на градските ѕидини, во 1664 и почетокот на 1665 г., ќе стане епидемија. Чумата најпрво допрела до неговата свест дури на 30 април 1665 година.
– Голем страв од заразна болест се појави во градот. Господе зачувај нѐ сите – напишал тој, споменувајќи дека две или три куќи се затворени.

Тој продолжил да го живее својот живот нормално до почетокот на јуни, кога првпат со свои очи видел како куќите се „затвораат“ – термин што неговите современици го користеле за карантин. Тоа се правело со обележување со црвен крст на вратата со натписот „Господе, смилувај ни се“. Потоа Пепис станувал сѐ позагрижен поради заразата. Наскоро видел на улиците како мртвите тела се носат во мртовечница. Голем број негови познаници починале, вклучувајќи го и неговиот лекар. До средината на август, тој напишал тестамент и навел: „Се надевам дека мојата душа ќе биде во многу подобра состојба, ако господ ме повика кај него во ова болно време“. Подоцна тој месец напишал дека минувачите на улиците се движеле како „луѓе што се подготвени да го напуштат светот“.

Следење на бројот на мртвите

Во Лондон, во Друштвото на парохиските писари се печател извештај за смртноста – неделен преглед на погреби. Бидејќи на овие листи се набројувале само погребите, тоа без сомнение го намалувало бројот на починатите. Тоа е исто како што ние денес ги следиме овие бројки. Пепис документирал и зголемен број жртви од чума во својот дневник. Кон крајот на август тој навел дека извештајот за смртноста споменал 6.102 жртви на чума, но стравувал дека „вистинскиот број на умрени е близу 10.000, најмногу поради тоа што жртвите од редовите на сиромашните не се земале предвид“. Една недела подоцна тој навел официјална бројка на умрени во една недела, што бил „најстрашен број дотогаш“. Тој бил постојано вознемирен поради тоа што луѓето постојано оделе на погреби, иако тоа било спротивно на официјалните наредби. Иако било предвидено жртвите на чумата да се погребуваат ноќе, тоа не се остварило и Пепис бил вчудовиден, затоа што погребите се случувале среде бел ден.

Очајничка потреба за лекови

И денес за ковид-19 имаме малку лекови што навистина помагаат. На медицинската наука и на истражувања им е потребно време, но луѓето што биле заразени со вирусот тогаш биле подготвени да пробаат што било. Измамничките третмани – од чаеви и колоидно сребро, до коњак и кравја урина, за сѐ се сметало дека е лек. Некои од мерките што се практикувале против чумата биле пушење тутун или мирисање зачини. Тутунот бил првиот лек по кој посегнал Пепис во текот на пандемијата на чумата. Во почетокот на јуни, кога видел како масовно се затвораат куќите, се скршил. „Загрижен сум за себе, па бев принуден да купам малку завиткан тутун за да го мирисам и да го џвакам“, напишал тој.

Тагата, тврделе лекарите, доведува до претерано лачење на црната жолч, што може да биде опасно за здравјето, па Пепис се трудел да ги потисне негативните емоции.
И во текот на заразата со чума било слично како и денес. Пепис забележал дека кога го напуштил Лондон, заминувајќи во помали градови, тамошните луѓе биле видливо вознемирени поради неговата посета. Тој и самиот ѝ подлегнал на паранојата: кон крајот на јули неговиот слуга Вил ненадејно добил главоболка, па плашејќи се дека целата куќа ќе му биде во карантин, Пепис ги мобилизирал сите други слуги да го избркаат Вил во најкраток можен рок. Се воспоставило дека тој немал чума и Пепис го вратил слугата на работа веќе следниот ден. Тој одлучил да престане да носи перика, која ја купувал во делот на градот што тогаш бил центар на зараза, стравувајќи дека таа е направена од коса од заразени луѓе. Но сепак го ризикувал своето здравје за да задоволи некои свои други потреби. Во почетокот на октомври ја посетил љубовницата без оглед на опасноста.

– Насекаде околу и во нејзиното соседство имаше заразени со чума, но не ми беше грижа. Единствено мислев на тоа што ќе правиме заедно – напишал тој во својот дневник.
Токму како што и сега луѓето желно исчекуваат да видат како бројката на умрените се намалува, така и тогаш Пепис се надевал дека ќе слушне таква новост. Тоа се случило кон крајот на септември и веројатно го охрабрило да ја посети љубовницата. Една недела подоцна бројот на умрените се намалил на 1.800.