Документарен филм за Ѓорѓе Балашевиќ

Документарниот филм со наслов „Војните поминуваат, луѓето остануваат“ на авторот Небојша Грабеж, промовиран неодамна, зборува за датумите 7 и 8 февруари во 1998 година, кои беа многу емотивни за Сараево. Тогаш кантавторот Ѓорѓе Балашевиќ имаше двочасовен настап во преполната сала „Скендерија“, а тоа наедно беше и првиот концерт на еден музичар од Србија во повоена Босна и Херцеговина.
Овој антологиски концерт навести подобрување на односите и поголемо разбирање, а медиумите во Сараево пренесоа дека за многумина овој настан беше најубава објава дека настапил мир.
– Добрa вечер Сараево, еве, дојде и тој ден. Така е тоа, војните поминуваат, луѓето остануваат. Добрa вечер мое Сараево, оние што не ги слушнаа топовите, љубопитни се да слушнат што ќе кажам сега – така зборуваше популарниот Балашевиќ пред преполната „Скендерија“.
Дваесет години по овој историски настан, Балашевиќ повторно се врати во Сараево со нови песни за да создаде нови спомени. Враќањето на новосадскиот кантавтор пред сараевската публика отвори нови прашања: колку нештата се сменија во последните две децении, колку тогашните очекувања беа реални, дали и колку се изневерени.
Овој документарен филм за љубовта, емпатијата и храброста, на авторот Небојша Грабеж, чија премиера се одржа неодамна, е уште еден доказ за големината на Балашевиќ, кој, за жал, минатата година почина од компликации од коронавирусот. Ѓоле го нема веќе, но затоа останаа песните и сведоштвата како ова, забележани во документарецот „Војните поминуваат, луѓето остануваат“.