Познатиот музичар Горан Бреговиќ по скорашниот концерт во родниот град, каде што ќе го изведе своето дело „Три писма од Сараево“, ќе настапи со режисерот Емир Кустурица на фестивал во Лондон.

Тие ќе ја делат сцената на „Балканс мјузик фестивал“ во британската престолнина, кој ќе се одржи на 5 ноември. Бреговиќ оваа вест ја објави на својот инстаграм-профил.
– Сите ние во себе носиме музика за одредени пригоди. Овој пат имав инспирација за идеја, во чија реализација јас ќе бидам дел од нешто што е многу поголемо од мене. Тоа е „Балканс мјузик фестивал“ во Лондон, кој ги соединува најдобрите традиции на балканската музичка култура на сцената – напиша Бреговиќ.

Инаку, Бреговиќ и Кустурица во изминатите децении имаа турбулентни односи, кои, судејќи според она што деновиве се сервира во јавноста, варирале од љубов до омраза. Не е познато во која фаза се во моментов, но факт е дека не настапуваат првпат на исти настани.