Пиво направено од јачмен, кој помина три дена во вселената како дел од „Спејс икс“ – историската мисија на првиот лет на цивилна екипа во орбитата околу Земјата, беше пуштено во претпродажба и веднаш распродадено. Бостонската пиварница „Адамс булеварс“ испрати 30 килограми јачмен во вселената на 15 септември како дел од мисијата „Инспирација 4“, а по враќањето на Земјата, направи ограничена серија пива од него, што ги нарече „спејс крафт ИПА“.
Цената на пакувањето од четири лименки од тоа пиво е 22,33 долари, а официјално ќе биде пуштено во продажба на 16 ноември. Пивото ќе се продава само во САД, а ќе има арома на маракуја, гуава и грејпфрут, но ќе ја содржи и класичната горчина на крафт-пиво. Името „спејс крафт“ било избрано меѓу повеќе од 5.000 предлози. Оваа американска занаетчиска пиварница не е првата што има амбиции да произведува пиво од вселената. Слични планови има и „Бадвајзер“, кој сака да прави пиво за идните колонисти на Марс, пишува британскиот весник „Дејли мејл“.