Традиционалната манифестација „Бела ноќ“ ќе се одржи в сабота во главниот град по 14. пат. Во рамки на програмата на повеќе локации ќе се одржат изложби, детски работилници, концерти, театарски претстави, инсталации, кино проекции, поетски читања…

Официјалното отворање на годинашната „Бела ноќ“ е на скверот „Јадран“ во 20 часот, со настап на Градскиот дувачки оркестар. Покровител на манифестацијата „Бела ноќ“ е Град Скопје, а технички и програмски организатор е Младинскиот културен центар – Скопје. Вклучени се сите институции од културата во главниот град. 

Директорот на МКЦ Русе Арсов на денешната прес-конференција соопшти дека „Бела ноќ“ е најголемата градска културна манифестација. 

– Годинава акцентот е ставен на домашните уметници и на домашните организатори на културни настани со цел со што е можно повеќе од нив да анимираме и да покажеме што имаме ние како град на програмата, рече Арсов. 

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов истакна дека првпат во текот на „Бела ноќ“ Скопје станува град на светлината, односно од шести до деветти октомври ќе се одржи фестивалот „Skopje Art Light District“. На граѓаните ќе им се овозможи уникатно доживување исполнето со светлост и многу бои, по европски стандарди. Тоа е резултат на меѓународна соработка на Град Скопје со градот Лион во рамки на проектот „Хоризонт 2020“.

– „Бела ноќ“ е синоним за масовна посветеност и исполнетост со поблика. Убеден сум дека оваа година таа публика ќе биде и побројна и поактивна во манифестацијата, рече Шилегов и ги повика скопјани да уживаат во културните настани. 

Директорот на Универзална сала и главен организатор на првиот „Skopje Art Light District“ Филип Аврамчев информира дека Скопје првпат ќе биде домаќин на меѓународен фестивал на светлосна уметност. 

– Отворањето се поклопува со отворањето на „Бела ноќ“ и ќе се случи пред зградата „Дом Ибни Пајко“ каде граѓаните првпат ќе имаат можност да видат светлосна проекција и тридемензионално мапирање, кое ќе се движи низ замислена патека која е обележана со градското осветлување, рече Аврамчев.

Тој информира дека на овој фестивал ќе настапат вкупно 16 артисти со исто толку различни дела. Фестивалот ќе заврши во Музејот на современа уметност во 23 часот со интерактивен аудио визуелен перформанс. 

Целосната програма може да се погледнете на следниот линк.

За време на одржувањето на „Бела ноќ“ организирано е бесплатно возењето во градските автобуси на ЈСП „Скопје“ кои сообраќаат кон централното градско подрачје, од 19 часот се до раните утрински часови.