Од 1 до 9 септември во одморалиштето „Михајлово“ во близината на Кавадарци се одржува третото издание на интернационалниот камп за млади музичари „Етно Македонија“, кој е дел од програмата за одбележување на 60-годишнината на Музичката младина на Македонија. Всушност „Етно“ е програма за народна светска и традиционална музика наменета за млади музичари на возраст од 18 до 30 години. Основана е во 1990 година во Шведска како програма на Меѓународна музичка младина, а денес постои во над 40 земји. Програмата има цел да го оживее и да го одржи во живот глобалното културно наследство ангажирајќи ги младите музичари преку серија годишни меѓународни музички кампови.
Деновиве во прекрасниот амбиент на одморалиштето „Михајлово“ заеднички музицираат млади од Македонија, Босна и Херцеговина, Италија, Франција, Шпанија, Шведска, Чиле и Австралија, кои преку работилници ја презентираат својата традиционална музика, но и ја учат музиката на другите учесници, која на крајот од кампот ќе ја презентираат на концерт.
– Македонија со своето културно и музичко богатство отсекогаш била уникатна и привлечна за музичарите од светот, ритамот на македонските традиционални песни и ора – предизвик да се научат и отсвират. Како домаќини ние сме еден вид амбасадори на нашата култура. Песните и мелодиите што учесниците ги учат овде ги пренесуваат на следните етнокампови каде што учествуваат. Особено нѐ радува тоа што секоја година бројот на пријавени учесници се зголемува – вели Верица Ајтовска, координаторка на кампот.
Ментори на кампот се Ангел Спороски, композитор и диригент од Македонија, и Џина Периќ, виолинистка од Босна и Херцеговина. На 8 септември на првиот дел од свеченото отворање на манифестацијата „Тиквешки гроздобер“ ќе се одржи завршниот концерт на младите музичари.