„Круг“, по текст од Едвард Олби, во режија на Јован Ристовски, е новата претстава на која работи ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински“ при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп. Оригиналното име на текстот е „Дамата од Дебјук“ од Едвард Олби, текст што ќе биде праизведен во Македонија. Драматургот Лидија Митоска Ѓорѓиевска ги направи преводот и драматизацијата. Драматурзите, како што вели режисерот Ристовски, често текстот го споредуваат со култниот текст „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, исто така на Олби, генерално поради главните ликови што се појавуваат. Режисерот Ристовски објаснува дека во претставата ќе се зборува за една приказна, за една врска, за брак што се распаѓа.
– Причините не се несогласувања, туку тоа што едниот лик, Џо, умира од рак и нејзиниот партнер Сем не знае како да се соочи со смртта. Ги губи тлото и самодовербата и не ја прифаќа вистината. Ова е интегрална приказна, која за мене е мотив да проговорам како се распаѓа едно друштво. Оваа приказна на Олби е за распадот на едно општество, на еден општествен систем, за распадот на еден театар, на било како тип на заедница. Мотивите беа да ги прикажам нашите лични проблеми во театарот, бидејќи во театарот во Македонија последниве години се лута, не знаеме во кој правец се движиме, што е театар, каде е нашата дисциплина во работата, нашата професионалност. Всушност, правам претстава за проблемите што ги тргаме настрана – вели режисерот Ристовски.
Атрактивноста на текстот дозволува да има девет лика, односно двојките Џо и Сем (Даниела Иваноска и Игор Трпчески), Фред и Лусинда (Димитар Црцороски и Наташа Ачански), Едгард и Керол (Михајло Миленкоски и Ангела Нуамоска). Другиот пат се Оскар и Елизабет (Димитар Ѓорѓиевски и Марија Сприкоска Илијеска), кои се во вториот чин и ја претставуваат смртта.
– Претставата ќе проговори за тоа дека за да се освестиме, некои нешта да се прекинат и да се даде решение, одлука, треба да има крај и дека крајот не е трагичен. „Круг“ поради тоа што генерално се вртиме во круг и никако да испливаме на површината и да се избориме за тоа што го сакаме. Претставата ќе има класична музика и електронски звуци, а самиот театар ќе биде сценографија, додека костимите се на Андреј Георгиевски – вели режисерот Ристовски.
Според планираното, премиерата треба да биде на средината на јули. Претставата е поддржана од Министерството за култура, во годишната програма за 2022-та.