Издавачката куќа „Готен“ ја објави збирката раскази „Раскази за љубовта“ од еден од најпопуларните современи чешки писатели, Михал Вивег. Преводот од чешки јазик е на Соња Стојменска-Елзесер. Делата на Вивег се преведени на повеќе од 25 јазици, а само во Чешка неговите книги се продадени во повеќе од еден милион примероци.
Збирката раскази ги содржи главните карактеристики на прозното писмо на Вивег – одлично чувство за раскажување приказни, дозиран хумор, луцидно согледување на односите меѓу луѓето. Млади љубовници и постари љубовници, двојки во брак и разведени, неженети мажи и вдовици, отворени и прикриени страсти, непредвидени емоции што се појавуваат во различни ситуации, копнежи што не се реализираат или се остваруваат на необичен начин – едноставно, љубовта во сите нејзини облици – тоа е главната тема на „Раскази за љубовта“. Сите 16 раскази од книгата го носат печатот на авторот, кој умее своето чувство за стил и композицијата да ги обедини во приказни полни со живот и умешно нијансирање на основната тема.
Михал Вивег е мајсторски раскажувач и затоа неговите раскази се читаат со исклучителна леснотија и уживање.