Креативно лето (10)
- Драги читатели, долгото топло лето сѐ уште трае. Знаеме дека имате доволно време за игри во природа, за дружба, забава и за уживање. Бидејќи „Колибри“ цело лето другарува со вас, подготвивме интересна рубрика за да ви бидеме привлечни и летово. Во „Креативно лето“, во секој број, со интересни активности ве изненадува психологот Нина Попадинова. Нашето катче е наменето и за родителите и за децата и сигурни сме дека ќе пронајдете заедничко задоволство и уживање. Потребно е да ги следите упатствата и лесно да ја реализирате предложената игра
Оваа активност е едноставна и забавна едукативна игра наменета за развивање на вниманието, визуелната перцепција, меморијата и способноста за следење инструкции кај децата, а може лесно да ја направите и дома. Потребни ви се само бел лист хартија и дрвени боички во различни бои.
На почетокот на активноста, секој број се поврзува со одредена боја. Детето добива низа од броеви, а неговата задача е да го препознае секој број и да ги обои празните полиња со соодветната боја, според однапред дадената шема.
Преку оваа игра детето ги вежба концентрацијата, визуелното разликување, препознавањето броеви, работната меморија и следењето на редоследот. Дополнително, активноста поттикнува самостојност, прецизност и истрајност при решавањето на задачата.
Играта може да се приспособи според возраста и способностите на детето – со помал број броеви и бои за помалите деца, а со посложени и подолги низи за поголемите.
За да ја зголемите тежината на активноста, можете да му дадете на детето задача најпрво да запомни кој број со која боја е поврзан. Потоа покријте ја шемата и оставете го детето да продолжи самостојно, потпирајќи се на својата меморија. Друга можност е детето да ја запомни дадената низа од броеви, а потоа да ги пополнува празните полиња по сеќавање.
На овој начин, едноставната игра станува одлична вежба за внимание, концентрација, визуелна перцепција и работна меморија, а истовремено учењето се претвора во забавна активност.
Уживајте во играта и учењето!
Пишува: Нина Попадинова, психолог


































