Соединетите Американски Држави воведоа санкции против јапонската судијка Томоко Акане, претседателка на Меѓународниот кривичен суд (МКС), и против сенегалскиот правник Абдулаје Сеје, висок претставник на Судот.
Одлуката ја соопшти американскиот државен секретар Марко Рубио, а имињата на двајцата функционери се објавени на листата на санкционирани лица на Министерството за финансии на САД.
Според Рубио, Акане и Сеје биле директно вклучени во напорите на МКС да истражува, уапси, притвори или да гони претставници на држави што не ја прифатиле јурисдикцијата на Судот. Тој не наведе на кои конкретни постапки се однесува образложението.
Со санкциите се замрзнува евентуалниот имот на санкционираните лица под американска јурисдикција, а на американските граѓани и компании им се забрануваат финансиски трансакции со нив.
Меѓународниот кривичен суд оцени дека американските мерки го поткопуваат владеењето на правото и порача дека ќе продолжи независно и непристрасно да го извршува својот мандат.
Потегот претставува нова ескалација во кампањата на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп против Судот со седиште во Хаг. САД не се членка на МКС и не ја признаваат неговата јурисдикција над американските државјани.
Вашингтон претходно воведе санкции против повеќе обвинители и судии на МКС, повикувајќи се на истрагата за американските војници во Авганистан и на налозите за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант.
Меѓународниот кривичен суд почна со работа во 2002 година и има надлежност за гонење лица осомничени за геноцид, воени злосторства, злосторства против човештвото и злосторство на агресија.

































