Фото: МФ/Фејсбук

Министерството за финансии донесе нов Правилник со кој детално се уредуваат условите и потребната документација за проверка на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата на лицата и компаниите кои сакаат да добијат лиценца за приредување игри на среќа, пренесе МИА.

Правилникот произлегува од новиот Закон за игрите на среќа, донесен во јуни годинава, и се однесува на апликантите за лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип.

Сите правни и физички лица кои поднесуваат барање за лиценца ќе треба да достават документација со која ќе ја докажат својата репутација и исполнувањето на законските услови. Меѓу останатото, ќе се проверува дали на лицата им биле изрекувани санкции за забрана на вршење професија или казна за забрана за приредување игри на среќа, како и други околности релевантни за нивното учество во оваа дејност.

Со новиот Правилник се воведува и построга контрола на потеклото на средствата вложени во основната главнина на друштвата. Министерството за финансии, преку банкарски извештаи, договори и финансиски биланси, ќе проверува дали постои непрекинат траг на движење на средствата од нивниот извор до нивното уплаќање во друштвото.

Дополнително, се регулираат процедурите при промена на сопственичката структура и висината на главнината, како и при именување членови на органите на управување и надзор.

Од Министерството за финансии посочуваат дека проценката на репутацијата е една од новините воведени со новиот Закон за игрите на среќа. Таа ќе се применува и за содружниците и соработниците на друштвата кои имаат лиценци, како и за членовите на органите на управување и надзор на државното трговско друштво за приредување игри на среќа.

Целта на овие мерки е зајакнување на контролата во секторот и спречување на перење пари и финансирање тероризам.

Новиот Закон за игрите на среќа беше донесен во јуни, со цел воспоставување посовремена, појасна и поефикасна законска рамка за регулирање на оваа област.