Европска слика за пазарот на трудот

  • Додека вештачката интелигенција ја преобликува дебатата за иднината на работата и ги разгорува стравувањата од автоматизација, европскиот пазар на трудот испраќа една поинаква, речиси парадоксална порака. На континентот не му недостигаат само програмери, инженери за вештачка интелигенција и дигитални експерти. Недостигаат луѓе што поправаат, произведуваат, управуваат, возат, одржуваат и се грижат за другите. Европа нема „единствен пазар на трудот“! Разликите меѓу државите се значителни, а таму каде што вработеноста е висока, недостигот од кадар станува уште поизразен

Според анализа на пазарот на трудот изработена од „Бест брокерс“ (BestBrokers), врз основа на податоци од „Евростат“ и европската мрежа ЕУРЕС, од истражување што траело цела година, почнувајќи од средината на минатата година, во Европа биле огласени повеќе од 10 милиони слободни работни места. Бројката открива пазар на кој работодавците имаат работа, но сè потешко наоѓаат луѓе подготвени и квалификувани да ја извршуваат.

Недостигот од работници станува голем економски проблем

Европа нема „единствен пазар на трудот“. Разликите меѓу државите се значителни, а таму каде што вработеноста е висока, недостигот од кадар станува уште поизразен. Малта со стапка на вработеност од 83,4 отсто и Холандија со 83,3 отсто се на самиот врв. Следуваат Чешка со 82,8 отсто и други северноевропски и централноевропски економии. Просекот на Европската Унија е 76,3 отсто. На спротивниот крај се земјите со значително пониска вработеност, меѓу кои Италија, Романија, а и Турција, иако не е членка на ЕУ. Но големината на работната сила не е единствената мерка за здравјето на пазарот на трудот. Важни се и условите под кои луѓето работат. Според податоците на „Еурофаунд“, околу 18,8 отсто од работните места во ЕУ можат да се категоризираат како ранливи, односно позиции што се поврзани со ниски примања, несигурност и ограничени работнички права. Тоа ја отвора и втората страна од европската приказна: не станува збор само за тоа да има повеќе вработени, туку и за тоа какви работни места им се нудат.

Шпанија отвора работни места, Турција ја губи работната сила

Разликите стануваат уште поочигледни кога ќе се погледне динамиката на вработувањето. Шпанија во периодот од првиот квартал на 2025 до првиот квартал на 2026 година го зголемила бројот на вработени за околу 430.000. Португалија додала 82.000, Грција 34.000, Хрватска 16.000, а Кипар 12.000. Спротивната слика се гледа во Турција, каде што бројот на вработени се намалил за околу 392.000. Пад е регистриран и во Германија, Италија и во Словачка. Особено е индикативен германскиот случај. Иако бројот на вработени се намалил за околу 32.000, германските работодавци истовремено барале кадар за повеќе од 2,4 милиони работни места.
Токму тука се крие еден од најголемите предизвици за европската економија: слободните работни места не значат автоматски и достапна работна сила.

Малите економии најбрзо го чувствуваат недостигот

Процентуално гледано, најголем раст на вработеноста бележат Кипар и Малта. Кипар ја зголемил вработеноста за 2,52 отсто, а Малта за 2,22 отсто. Зад овие резултати стои и зависноста од странска работна сила. Туризмот, угостителството, транспортот и трговијата создаваат нови позиции, но домашниот пазар често не може сам да ги обезбеди потребните работници. Истовремено, дел од земјите се соочуваат со спротивен процес. Во Унгарија, Турција, Словенија, Словачка и во Србија е забележано намалување на бројот на вработени. Причините се добро познати: стареењето на населението, миграцијата на работоспособното население и слабеењето на дел од економските активности. Она што некогаш беше демографски проблем што се очекуваше во иднина, сега станува директен економски трошок.

Пет професии што ја носат европската економија

Најинтересниот дел од податоците се однесува на структурата на побарувачката. На врвот не се наоѓаат ИТ-експертите. Најголема потреба има за технички работници, со 731.953 слободни позиции.
Следуваат: административни и канцелариски стручни соработници – 630.033 позиции; работници во металопреработувачката и машинската индустрија – 596.701; оператори на машини и постројки – 522.808; возачи и оператори на возила – 519.386.
Само овие пет категории опфаќаат речиси три милиони огласени работни места. За споредба, ИКТ-секторот има околу 375.000 отворени позиции. Тоа не значи дека дигиталните професии стануваат помалку важни. Напротив, дигиталните знаења се сè попотребни. Но бројките покажуваат дека европската економија има уште еден, многу поконкретен проблем: нема доволно луѓе за работата што се одвива во фабриките, магацините, сервисите, транспортот и производните погони.

Фабриките бараат луѓе,а не само алгоритми

Технолошката револуција не ја укинува потребата од човечки труд толку брзо како што често се претпоставува. Автоматизацијата може да замени одредени задачи, но зад секоја автоматизирана производна линија и понатаму стојат луѓе, кои треба да ја инсталираат, да ја програмираат, да ја контролираат и да ја одржуваат опремата. Токму затоа техничките професии повторно добиваат тежина. Европската индустрија има потреба од електротехничари, механичари, сервисери, машински работници и други квалификувани кадри чии знаења тешко можат целосно да се претворат во алгоритам. Германија, Франција, Австрија, Чешка и Романија се меѓу земјите каде што техничките работници се особено барани. Само во Германија биле огласени 239.039 позиции за оваа категорија.

Каде ИТ-експертите сепак се на врвот?

Иако ИКТ не е најголемата категорија на европскиот пазар, во некои земји побарувачката за дигитални професионалци е исклучително висока. Финска, на пример, има повеќе од 20.000 слободни позиции за ИКТ-кадар. Ова покажува дека европскиот пазар не се движи во една насока. На едно место недостига програмер, на друго инженер, а на трето механичар или возач. Затоа и идејата за „една професија на иднината“ станува сè помалку реална. Идниот пазар на трудот ќе биде составен од различни видови експертиза – од дигитална до техничка и од медицинска до практична.


Стареењето го отвора прашањето кој ќе се грижи за Европа

Една од најсилните последици на демографските промени се гледа во здравството и негата. Во Шведска, Швајцарија, Норвешка и во Лихтенштајн особено се издвојува побарувачката за здравствени работници и професионалци во негата. Причината е структурна: населението старее, потребата од здравствени услуги расте, а бројот на луѓе што можат да ги обезбедат тие услуги не расте со исто темпо.
Сличен проблем се појавува и во образованието. Во Полска, Бугарија и во Естонија наставниците се меѓу најбараните професии, со повеќе од 18.900 слободни позиции во овие три земји. Технологијата може да помогне во училницата, но не може едноставно да го замени наставникот. Истото тоа важи и за негата, медицината и голем број професии, во кои човечкиот контакт е суштински дел од работата. Д.П.


Европа ја отвора вратата за работници од странство

Кога домашната работна сила не е доволна, останува една можност – да се бара кадар надвор од границите. Токму во тој контекст Европската Унија во јуни 2026 година го активираше „ЕУ талент пул“ (EU Talent Pool), што е платформа чија цел е полесно поврзување на европските работодавци со кандидати од земји надвор од ЕУ. Тоа е обид европскиот недостиг од работници да се претвори во организирана политика на привлекување таленти и квалификуван кадар.
Но миграцијата сама по себе не е трајно решение. Ако населението продолжи да старее, а младите и квалификуваните луѓе продолжат да заминуваат од одредени земји, европскиот проблем со работната сила само ќе се префрла од една држава во друга. Д.П.


Новата вредност на човековата работа

Дебатата за вештачката интелигенција често се поставува како натпревар меѓу човекот и машината. Европскиот пазар на трудот во 2026 година покажува дека вистинската приказна е посложена. На континентот истовремено се случуваат две нешта: технологијата ги менува работните места, а демографијата го намалува бројот на луѓе што можат да ги пополнат. Затоа иднината најверојатно нема да биде ниту целосно дигитална, ниту целосно автоматизирана. Ќе биде комбинација од човек, технологија и специфична стручност. Ќе вреди оној што знае да работи со новите технологии, но и оној што знае да поправи машина. Оној што може да анализира податоци, но и оној што може да управува со сложен производен процес. Оној што создава софтвер, но и оној што се грижи за пациент, ученик или за стар човек. Најголемиот парадокс на ерата на вештачката интелигенција можеби е токму тоа: колку повеќе Европа се обидува да ја автоматизира економијата, толку појасно се гледа колку ѝ се потребни луѓето. Не исчезнува потребата од работници. Се менува нивната вредност. А оние што поседуваат конкретна, применлива и тешко заменлива вештина би можеле да бидат меѓу најбараните луѓе на европскиот пазар во годините што доаѓаат. Д.П.

Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија