Фото: „Нова Македонија“
  • Македонската армија е институција со длабоки корени, наследник на ајдутите што ги чувале македонските планини, води и полиња, наследник на комитите што ги бранеле родната грутка земја и народот и населението во неа… и наследник на партизаните што ја ослободиле земјата од фашистичкиот поробувач, ја ослободиле од националното ропство и понижување и се бореле за социјална слобода и економско-социјален просперитет. Таа е жива врска меѓу минатото и сегашноста, симбол на континуитетот на македонската државност и доказ дека слободата не е подарок, туку резултат на вековна борба и истрајност

Македонија денес го одбележува Денот на армијата (18 Август) – празник што не е само протоколарен датум туку живо потсетување на историскиот континуитет на борбата за слобода и државност. Тоа е ден кога се спојуваат вековните жртви и идеали на македонскиот народ со современата државност, ден кога се потврдува дека армијата не е само институција, туку симбол на националната истрајност и достоинство.
Овој празник е сведоштво дека македонската држава е творба на генерации што се бореле, страдале и сонувале за слобода и дека секој камен во темелите на државата е положен со крв и со жртва. Со други зборови, македонската држава не е подарена, туку е извојувана и е стекната со тешка и праведна Народноослободителна борба. Во овие зборови се содржани не само историските факти туку и моралниот завет: дека државата е резултат на самостојна борба, на непокор и на вера во сопствената сила. Денот на македонската армија затоа е повеќе од свеченост – тој е живо потсетување дека слободата не е подарок, туку наследство што мора да се чува, да се брани и да им се пренесува на идните поколенија.
Современата македонска армија не е изолирана институција создадена пред три децении, туку наследник на вековната борбена традиција. Од Илинденското востание и Крушевската Република, преку Карпошовото востание и Кресненското востание, па сè до Народноослободителната војна, македонскиот народ ја градел својата државност со оружје, со песни и со жртви. Крушевскиот манифест од 1903 година е еден од најсилните документи на таа традиција: повик за слобода и еднаквост без разлика на вера и народност. Истата идеја се пренела и во антифашистичката борба, кога партизанските одреди не само што се бореле против окупаторот туку и ја создавале новата културна меморија – летоци на македонски јазик, песни што ја буделе националната свест, дисциплински устави што ја формализирале борбата.

Првото заседание на АСНОМ претставува врв на вековната борбена линија на македонскиот народ, момент кога историската жртва се претвори во институционална државност. Панко Брашнаров, најстариот делегат, со солзи во очите зборувал за „раздвижените реки“ што ја мијат Македонија од вековниот ропски срам – зборови што не биле само метафора туку живо сведоштво за колективната радост и болка на еден народ што конечно ја гледа својата слобода. Тој говор е доказ дека современата македонска армија не е административна творба, туку продолжение на идеалите на илинденците и партизаните, армија што ја брани државата родена од крв, жртва и непокор. Македонската армија е институција со длабоки корени, наследник на ајдутите што ја чувале планината, на комитите што ја бранеа татковината и на партизаните што ја ослободуваа земјата од фашизмот. Таа е жива врска меѓу минатото и сегашноста, симбол на континуитетот на македонската државност и доказ дека слободата не е подарок, туку резултат на вековна борба и истрајност.
На 18 август не се слави Ден на армијата во апстрактна форма, туку Ден на македонската армија – празник што ја носи тежината на вековната историја и ја претвора меморијата во живо наследство. Тоа е ден кога армијата не се гледа само како институција со униформи и протоколи туку како симбол на националната истрајност, како продолжение на борбата што ја воделе генерации востаници, комити и партизани. Без македонските востаници и без народноослободителната војска немаше да постои современа македонска држава – нивните жртви се темелите врз кои е изградена нашата слобода. Затоа секое одбележување на 18 Август е повеќе од свеченост; тоа е морален завет, повик да се поклониме пред паднатите борци, да ја чуваме нивната жртва како светост и да го продолжиме континуитетот на македонската државност. Овој ден е огледало на нашата историја и иднина – потсетување дека државата не е подарок, туку наследство што мора да се брани, да се негува и да им се пренесува на идните поколенија како најголема национална обврска. Д.Ст.


Од уреднички агол

Без силна армија нема силна и суверена држава

  • Светот во кој живееме одамна престана да биде свет на сигурни граници и траен мир

Старите безбедносни правила се менуваат, а новите закани се појавуваат побрзо од способноста на државите да се подготват за нив. Во таков свет, една вистина станува сè поочигледна: Државата што сака да биде безбедна и суверена мора да има силна, модерна и добро опремена национална армија! Но, пред сѐ, армијата, безбедноста, сигурноста и сувереноста на татковината се мерат со нацијата што е подготвена да ја брани државата.
Армијата не е унифициран симбол на милитаризам. Таа е последната линија на одбрана на државата, нејзиниот народ, територијата и слободата. Силната армија не значи дека една држава сака војна. Напротив, тоа значи и дека ја гради за да има капацитет да ја спречи. Мирот е највреден тогаш кога државата има сила да го заштити. Затоа, инвестициите во одбраната не смеат да се гледаат како непотребен трошок, туку како долгорочна инвестиција во националната безбедност. Современата армија, освен што се мери со таканаречената „жива сила“ (човечки ресурси), таа се мери со технологијата, опремата, обуката, разузнавачките способности, сајбер-безбедноста, логистиката и подготвеноста за дејствување. Но, пред сè, се мери со нацијата што е подготвена да ја брани државата.
Држава без способна армија лесно може да стане зависна од туѓата волја, туѓите процени и туѓите одлуки. А суверенитетот што зависи исклучиво од туѓата сила секогаш носи ризик. Затоа секоја сериозна држава мора да има сопствена одбранбена сила – доволно моќна да одврати, доволно модерна да одговори и доволно подготвена да дејствува кога тоа е најпотребно.
Во Европа повторно се зборува за превенција, одвраќање и за национална отпорност. И тоа не е случајно. Историјата предупредува дека мирот не се подразбира однапред. Мирот се чува. Суверенитетот се брани. А безбедноста се гради. Затоа, во време кога светот станува понепредвидлив, прашањето веќе не е дали една држава треба да има силна армија. Прашањето е дали може да си дозволи да нема. Зашто силната армија не е закана за државата. Таа е нејзината гаранција дека државата има сила сама да ги брани својата слобода, својата територија и својата иднина. Р.Н.М.


Армиски дилеми: Враќање на регрутите (1)

Балканските војски го пополнуваат составот со своите млади

  • Долго време воената регрутација на Балканот изгледаше како остаток од едно друго време, од времето на масовните армии, долгите воени
    рокови и стравот дека секој поголем конфликт може да прерасне во регионална војна. По професионализацијата на армиите, повеќето држави во регионот ја суспендираа задолжителната служба, уверени дека помала, професионална и технолошки опремена армија е подобар одговор на современите безбедносни предизвици. Но европската војна во Украина ја разниша таа претпоставка

Деновиве, во пресрет на денот на македонската армија, Армија на Македонија (АРМ), разговаравме со повеќе поранешни воени лица, носители на највисоки чинови во хиерархијата на АРМ, во врска со некои предизвици поврзани со војската и за пошироки прашања во врска со армиите во регионот, нивната поранешна и актуелна улога, нивната задача под единствен армиско безбедносен чадор, но и како вооружен армиски ентитет од национален карактер, задолжен примарно за сигурноста и безбедноста на својата национална држава.
Во текстот во продолжение, од разговорот со воените експерти, ќе издвоиме сублимат од еден аспект на прашањето за армиите – човечкиот ресурс, кој, како што велат нашите соговорници, сѐ уште е ненадминат како „најесенцијален фактор на подготвеност на една армија да ги брани суверенитетот, територијалниот интегритет на државата и сигурноста и безбедноста на својата нација и граѓани“.
– Денес повторно се поставува прашањето не само колку војници има една држава во мир туку колку луѓе може да стави во строј ако кризата трае со месеци или години. А токму тука професионалните армии имаат структурен проблем. Мирновременската армија може да биде квалитетна, но тешко може сама да обезбеди голема обучена резерва – велат нашите соговорници, додавајќи дека многу армии и држави во регионот го знаат токму ова, при што тие „во чекор презеле мерки и активности за преструктурирање на своите армии“.

Хрватска

Највидливиот пресврт во непосредното соседство е Хрватска. По суспензијата на воениот рок во 2008 година, Загреб повторно воведе задолжително двомесечно основно воено оспособување. Првите регрути беа повикани во 2026 година, а моделот е насочен кон млади мажи на 19-годишна возраст. Но хрватскиот модел е внимателно дизајниран да не личи целосно на стариот воен рок. Владата инсистира дека станува збор за основна воена обука, а не за враќање на некогашниот долг регрутски систем. Обуката трае осум недели, регрутите се платени, а приговорот на совеста овозможува цивилна служба. Образложението е двојно: зголемување на одбранбената подготвеност и создавање поширока популација што знае што да прави во услови на криза. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ притоа отворено ја поврзува одлуката со војната во Украина, променетата европска безбедносна средина и со процената дека околу 15.000 активни припадници на хрватските вооружени сили не се доволни за новите околности.

Србија

Следната земја што оди во таа насока е Србија, но тука треба да се направи важна разлика. До август 2026 година, регрутниот систем сè уште не е повторно активиран во практична смисла. Белград ја подготвува неговата реафирмација, а последните најави на претседателот Александар Вучиќ го поместуваат почетокот кон март 2027 година. Планираниот рок е 75 дена, за мажи до 30 години. Српското образложение е уште подиректно, а тоа е „поголема борбена готовност, поголема резерва и повторно воспоставување на воената инфраструктура што исчезна со професионализацијата“. Владата претходно говореше за цел од околу 20.000 регрути годишно и за повторно активирање на гарнизонски капацитети низ земјата. Така, во непосредното соседство на Македонија се појавува необична слика, односно една членка на НАТО веќе го враќа задолжителното основно воено оспособување, а Србија, која не е членка на Алијансата, го подготвува истиот чекор.

Грција, Турција, Романија, Словенија…

· Грција, пак, е друга приказна. Таа никогаш не се откажа од задолжителната воена служба, а во 2025–2026 година дополнително го реформира системот. Новиот модел ја рационализира регрутацијата, ја менува обуката и предвидува посилна активна резерва. Министерството за одбрана дури воведува и доброволна воена служба за жени, како дел од пошироката реформа на вооружените сили.
· Турција, исто така, го задржува задолжителниот систем, што значи дека во поширокото јужно и југоисточно соседство на Македонија регрутацијата никогаш не исчезна како концепт.
· Интересен е, меѓутоа, примерот на Романија. Букурешт не го враќа задолжителниот воен рок. Со законските измени од 2026 година воведе можност мажи и жени од 18 до 35 години доброволно да поминат до четири месеци основна воена обука. Романската влада тоа го претставува како начин за проширување и подмладување на резервниот состав, а не како враќање на регрутацијата. Тоа е можеби најважната лекција од романскиот пример: меѓу професионална армија и класична задолжителна регрутација постои цел спектар на модели.
· Сличен пристап има и Словенија. Таму задолжителниот воен рок во мир е суспендиран, а армијата се потпира на професионален и договорен резервен состав. Но словенечката одбранбена политика експлицитно планира можност за повторно воведување одредени компоненти на воената обврска доколку безбедносната ситуација драматично се влоши. Во долгорочните планови се предвидува можност за значително зголемување на резервата.

Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина…

· Црна Гора е уште еден важен случај. Тамошниот министер за одбрана Драган Краповиќ во 2025–2026 година призна дека лично смета оти враќањето на задолжителната служба би било добра идеја, но истовремено оцени дека државата и општеството сè уште немаат инфраструктурни и финансиски услови за тоа. За сериозен систем, според неговата процена, би биле потребни инвестиции од десетици милиони евра.
· Косово, напротив, во 2026 година направи чекор назад од идејата за задолжителен воен рок. Наместо масовна регрутација, Приштина се определува за модел на „сеопфатна одбрана“ и доброволна резерва, со идеја во случај на криза граѓаните да имаат однапред дефинирани улоги, од воени до цивилни и спасувачки.
· Босна и Херцеговина останува на професионален модел. Задолжителниот воен рок е укинат на 1 јануари 2006 година и тоа е дел од тогашната одбранбена реформа со која се создаде единствена државна армија.

А Македонија?

Во моментов, во нашата држава има доброволно служење. Граѓаните можат да служат три месеци, а системот е отворен и за мажи и за жени. Оттука доаѓа вистинската дилема за Скопје. Дали на Македонија ѝ треба враќање на „воениот рок“ – или ѝ треба нов систем на национална отпорност, во кој воената обука е само еден сегмент? Нашите соговорници имаат различни мислења во врска со ова прашање.
– Разликата не е семантичка. Таа е суштинска. Современата војна во Европа, на тлото на Украина, покажа дека масовноста повторно има значење, но истовремено покажа и дека необучената маса не е замена за технологија, противвоздушна одбрана, дронови, електронско војување, артилерија, разузнавање и логистика. Затоа погрешно би било Македонија едноставно да го копира моделот од минатото. Пореална би била концепцијата на кратка, задолжителна основна обука, проследена со организирана резерва, редовни кратки вежби и цивилна компонента за оние што поради совест не сакаат да носат оружје. Таквиот систем би имал и друга функција: во услови на големи природни катастрофи, сајбер-кризи, прекини на инфраструктурата или безбедносни инциденти, државата би имала генерации граѓани со основна дисциплина, прва помош, комуникациски и евакуациски знаења – велат нашите соговорници, генерали во пензија и членови на „Клубот на генерали“.

Регрутацијата не смее да биде замена за модернизација на армијата

Од друга страна, дел од нашите соговорници отвораат и уште едно интересно прашање, поврзано со претходното.
– Ако државата нема доволно муниција, транспорт, дронови, противвоздушна одбрана, комуникациски системи, инструктори и опремени резервни единици, тогаш десет илјади регрути се само голема статистика – велат нашите соговорници.
Тие додаваат дека главно прашање е колку обучени граѓани ни се потребни за Македонија да може да издржи сериозна криза – и како најевтино и најпаметно да ги обучиме.
– Демографијата на Балканот денес е сосема различна од онаа од времето на ЈНА. Младите се помалку, иселувањето е огромно, а пазарот на трудот е гладен за работоспособно население. Задолжителната служба има економска цена што државата мора да ја пресмета, не само во буџетот за одбрана туку и преку изгубени работни месеци, прекин на образование и дополнителен товар за работодавците. Затоа вистинското прашање не е: Дали треба да има воен рок? Вистинското прашање би било: Колку обучени граѓани ни се потребни за Македонија да може да издржи сериозна криза – и како најевтино и најпаметно да ги обучиме – велат нашите соговорници, со огромно искуство од областа за која разговаравме, во пресрет на Денот на АРМ. П.Р.


Земјите од Балканот се одлучија за концептот за пополнување на своите армии, доаѓа ред и на Македонија

Хрватска веќе одговори со задолжителна двомесечна обука. Србија се подготвува за 75-дневен рок. Грција го модернизира својот постојан регрутски систем. Романија гради доброволна резерва. Словенија го чува регрутскиот механизам како опција за вонредни услови. Црна Гора ја разгледува идејата, но ја мери со сопствените финансиски и институционални капацитети. Косово, барем засега, избра сеопфатна одбрана наместо задолжителен рок. Тоа не е враќање на минатото. Тоа е признание дека професионалната армија сама по себе не е целосен систем на национална одбрана.
– Македонија има можност да не брза по туѓите примери, туку да создаде сопствен модел – кратка и квалитетна основна обука, модерна резерва, доброволна компонента за специјалисти, цивилна заштита и јасно дефинирани обврски на граѓаните во криза. Во спротивно, дебатата ќе остане заробена меѓу две носталгии – едната по старата ЈНА, другата по времето кога се веруваше дека професионалната армија е доволна за сè – велат генералите.
Новата безбедносна реалност, сепак, не нуди ниедна од тие две удобности. Таа бара држава што знае кого може да повика, колку брзо може да го обучи, со што може да го опреми и што точно ќе му биде задачата кога ќе заврши обуката. Ако Македонија не го одговори тоа прашање навреме, нејзиниот проблем нема да биде недостигот од воен рок. Ќе биде недостигот од обучена резерва во моментот кога ќе ѝ биде најпотребна. П.Р.


Армиски дилеми: Враќање на регрутите (2)

Воениот рок како школа за живот – или непотребен прекин на младоста?

Во дебатата за враќање на воениот рок најчесто се зборува за армијата, резервниот состав и за одбранбената способност на државата. Но постои и една друга, помалку безбедносна, а можеби еднакво важна страна на приказната.

Што му прави воениот рок на младиот човек?

За приврзаниците на задолжителното служење, армијата е своевидна школа за живот. Место каде што млад човек, често првпат во животот, мора да стане дел од организиран систем, да станува рано, да ги почитува правилата, да презема одговорност и да научи дека обврските не се исполнуваат само кога нему му одговара.
Во цивилниот живот многу работи може да се одложат. Војничкиот распоред не познава „ќе го направам тоа утре“. Токму дисциплината веројатно е најчесто споменуваната придобивка. Воениот живот ја учи младата личност на ред, точност, истрајност и почитување на процедурата. А тоа се навики што, ако правилно се пренесат во цивилниот живот, можат да бидат корисни и на работното место, и во образованието, и во семејството.
Истражувањата навистина покажуваат дека воената служба може да развива таканаречени некогнитивни вештини – самодисциплина, соработка, истрајност и способност за функционирање во тим. Едно данско истражување, на пример, најде позитивни долгорочни ефекти врз нумеричките и јазичните вештини кај дел од поранешните регрути.
Но воената служба не е само школа за дисциплина. Таа е и школа за колективност. Млади луѓе од различни семејства, градови, социјални средини и економски можности се ставаат во иста униформа и добиваат исти обврски. За неколку месеци се создава заедница во која успехот не зависи само од индивидуалниот талент туку и од тоа дали можеш да му помогнеш на човекот до тебе.

Токму затоа застапниците на регрутацијата зборуваат и за солидарност и граѓанска одговорност. Современите истражувања за европските системи на регрутација покажуваат дека воената служба може да биде поврзана со развивање чувство на припадност, почитување на правилата и граѓански вредности.

Прашањето за односот кон татковината

Не станува збор само за патриотизам во свечена смисла – знаме, химна и униформа. За еден млад човек, служењето може да биде прва конкретна средба со државата како заедница на луѓе за која сите имаат некаква одговорност. Во една мала земја како Македонија тоа може да има и дополнителна вредност. Младите од различни делови на државата да се запознаваат меѓусебно, но и да ја запознаваат сопствената земја. Од касарната во еден регион до вежбите во друг, од планините до рамнините, од различните градови до различните локални средини.
– Токму прашањето за односот кон татковината е најсуштинско, чија арматура е токму служењето во армијата. Татковината тогаш престанува да биде само „географија на картата“. Станува простор што си го видел, си го поминал, си го запознал и за кој, можеби, чувствуваш поголема лична одговорност – велат нашите соговорници од „Клубот на генералите“.

Кои се контрааргументите на соговорници што се противниците на задолжителниот воен рок

Противниците на задолжителниот рок велат дека државата нема право да им го одзема времето на младите само затоа што тоа може да биде воспитно корисно. Војската, велат тие, не е воспитна институција и не треба да се претвора во замена за семејството, училиштето или воспитниот систем. Има и многу попрактичен аргумент, велат тие, а тоа е дека времето има цена.
– Младиот човек што шест, осум или дванаесет месеци е во касарна не студира, не работи и не стекнува цивилно професионално искуство. Ново истражување за Шведска, објавено во 2026 година, покажува дека селективната регрутација може краткорочно да го зголеми ризикот од невработеност и да го одложи влезот во високо образование. И други истражувања укажуваат на можни долгорочни трошоци. На пример, холандска студија најде негативни ефекти врз стекнувањето универзитетска диплома и заработката кај дел од регрутите – образложуваат наши соговорници, млади лица од различни граѓански и невладини организации.

Науката за ова прашање не дава едноставен црно-бел одговор

Студија од Кипар, на пример, најде позитивна поврзаност меѓу должината на воената служба и подоцнежниот академски успех. Оттука, можеби најразумно е да се избегнат и идеализацијата и демонизацијата на воениот рок.
– Воената служба сама по себе не создава дисциплиниран човек. Добро организираниот воен систем може да создаде таква средина. Ако во касарната има квалитетна обука, спорт, прва помош, работа со технологија, тимски задачи, граѓанско образование и вистинска одговорност, тогаш регрутот може да излезе од неа позрел отколку што влегол. Ако, пак, службата се сведе на бесцелно чекање, формализам, понижување и механичко извршување наредби, тогаш тешко може да се зборува за „школа за живот“. Затоа вистинскиот аргумент за воениот рок не би требало да биде носталгијата по едно минато време. Туку прашањето дали државата може од неколку месеци од животот на младите да направи инвестиција во дисциплина, одговорност, солидарност, физичка подготвеност, граѓанска свест и познавање на сопствената земја. Ако може – тогаш воениот рок навистина може да биде повеќе „од подготовка за војна“ (?!). Всушност, тој е подготовка за зрелост – велат соговорниците од „Клубот на генералите“. П.Р.


Клуб на армиски генерали“ на Македонија

„Клубот на генерали“ е здружение основано во 2012 година, во кое членуваат армиски генерали, вклучително и поранешни команданти и началници на Генералштабот на АРМ, чија главна цел е разгледување и унапредување на актуелните прашања од областа на безбедноста и одбраната на државата.
– Здружението и во наредниот период ќе продолжи проактивно да дејствува во насока на разгледување и унапредување на актуелните прашања од областа на безбедноста и одбраната, како и со реализација на содржајни активности насочени кон јакнење на својата стручна и општествена улога – велат оттаму. Претседател на здружението е генералот Методија Величковски, кој ќе биде носител на оваа функција во времетраење од две години, односно во периодот од 2026 до 2028 година. Во врска со програмата за работа на здружението „Клуб на генерали“, неговиот претседател, генералот Методија Величковски, ни истакна дека „здружението веќе работи со засилено темпо, со цел поголема препознатливост и видливост во јавноста, а со особен осврт кон актуелните прашања од областа на безбедноста и одбраната на државата, оправдувајќи ги големиот потенцијал и експертски капацитет на членовите на „Клубот на генералите“. П.Р.


Нови европски трендови за пополнување на армиите со регрути

Армиите се дигитализираат за да регрутираат

  • Регрутирањето стана комуникациска и технолошка „битка“, која сè повеќе се води преку телевизиските програми, билбордите, социјалните мрежи и видеоплатформите како што се Тикток, Инстаграм и Јутјуб

Додека владите инвестираат милијарди во обновата на воените капацитети на Европа, тие откриваат дека модернизацијата на арсеналите е само еден дел од предизвикот. Другиот е пронаоѓање на луѓето потребни за нивно управување.
Германија сака да ги зголеми своите вооружени сили од околу 180.000 војници на 260.000, а наедно да ги удвои своите резервни сили. Франција планира да ги прошири своите резервисти од околу 47.000 на 100.000 до крајот на деценијата. Италија објави планови за зголемување на својот воен персонал, додека Холандија и Полска, исто така, бараат начини за проширување на своите сили.
Затоа, регрутирањето стана комуникациска и технолошка „битка“, која сè повеќе се води преку телевизиските програми, билбордите, социјалните мрежи и видеоплатформите како што се Тикток, Инстаграм и Јутјуб, наведува „Еурактив“.

Военото рекламирање повторно се шири низ Европа

Одразувајќи ја видливоста на кампањите за регрутирање на почетокот на 20 век, военото рекламирање повторно се шири низ Европа, од двокатните автобуси во Лондон до грчките автопати и киноекраните во Париз. Помеѓу 2025 и 2026 година, неколку земји објавија нови кампањи, но за разлика од минатиот век, пораките се префрлија од патриотски должности кон личен раст и напредок.
Кампањата „Ти припаѓаш тука“ на британската армија, првпат лансирана во 2023 година и ажурирана годишно, ја претставува воената служба како заедница каде што поединците можат да најдат цел и припадност. Стилот на снимање од гледна точка што се користи во спасувачките операции потсетува на визуелниот јазик на модерните воени видеоигри, ставајќи ги гледачите директно во перспективата на војникот.
Широко споделена на социјалните медиуми и киноекраните, француската „Можеш ли да го направиш тоа?“ го прикажува приклучувањето кон армијата како личен предизвик центриран на отпорност и саморазвој. Кампањата има и англиска верзија на видеосодржината.
Неодамнешната кампања на Италија усвојува поинституционален тон околу прашањето за националната безбедност. Изградена врз пораката „Италијанска армија, покрај вас секој ден“, кампањата, односно нејзиниот видеоматеријал, користи слики од италијанските градови и секојдневниот живот за да ги претстави војниците како постојано присуство во локалните заедници.
Белгиските вооружени сили, исто така, ја започнаа својата нова кампања во јануари годинава и објавија на почетокот на месецов дека ја исполниле својата цел за регрутирање 500 млади возрасни лица за нивната доброволна воена служба.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ирската регрутна кампања беше специјално дизајнирана за да се справи со јазот во регрутирањето млади жени

Ирските одбранбени сили неодамна објавија нова кампања насловена „Да, ти, можеш“. Видеото се оддалечува од традиционалните воени слики, следејќи млада жена што ги надминува моментите на сомнеж во себе и се фокусира на самодовербата и личниот потенцијал. Роб Магваер, извршен креативен директор во ирската агенција „Паблик хаус“, која ја создаде кампањата, изјави за „Еурактив“ дека промената одразува поширока трансформација во начинот на кој се перципира одбраната.
– Кога зборуваме за одбрана, јазикот е сосема различен од пред 10 години, дури и пред четири години – објаснува Магваер.
Ирската кампања беше специјално дизајнирана да се справи со јазот во регрутирањето кај младите жени. Истражувањето спроведено од агенцијата покажа дека традиционалните патриотски пораки не се нужно најефикасниот начин да се допре до помладата или женската публика.
– Нашиот клиент сакаше конкретно да се насочи кон женското регрутирање бидејќи знаеше дека историски немале голем број – рече Магваер.
Кампањата се фокусираше на она што Магваер го опиша како „самоисклучување“, тенденцијата некои потенцијални жени кандидати да се откажат пред да аплицираат.
Кампањата беше исто така дизајнирана од самиот почеток за да генерира ангажман и споделување на социјалните медиуми. Магваер рече дека на „Паблик хаус“ му било кажано оти апликациите од жени нагло се зголемиле од објавувањето на кампањата.

Германија и Шпанија се посветија на Тикток

Германија можеби отиде чекор понатаму во дигиталниот пресврт, претворајќи ги каналите за регрутирање на Бундесверот во еден од највидливите примери на воена институција што се приспособува на културата на социјалните мрежи. Германија годинава забележа зголемен интерес за своите вооружени сили по започнувањето на кампањата за регрутирање, со зголемување од 20 отсто на пријавените од минатата година.
Она што овие кампањи го имаат како заедничко е нивната способност да се приспособат на логиката на социјалните медиуми. Армиите повеќе не објавуваат само реклами за регрутирање на интернет. Тие градат наменски канали за да допрат до потенцијалните регрути каде што тие веќе консумираат информации.
Шпанија нуди уште еден понов пример. Во мај, шпанската армија отвори официјален тикток-профил заедно со канал на Вотсап, експлицитно поврзувајќи го потегот со „одговарање на потребата за приспособување на институционалната комуникација кон моменталните навики за потрошувачка на информации, со посебен фокус на помладата публика“. Каналите се користат за прикажување воени активности, објаснување на можностите за кариера и доближување на институцијата до јавноста.
Шпанската армија соопшти дека целта е да се понудат „вистинити, транспарентни и навремени“ информации, користејќи платформи што веќе се дел од секојдневниот живот на помладите генерации и градат свои дигитални екосистеми. Р.С.


НОВОТО ЛИЦЕ НА армиите ВО ЕРАТА НА МОДЕРНАТА ТЕХНОЛОГИЈА

Војските се опремуваат со софистицирани воени машини, но војникот останува клучен

  • Беспилотните летала, автономните системи и вештачката интелигенција ја трансформираат структурата на современите армии, но наместо да ја укинат потребата од војници, тие ги пренасочуваат кон нови улоги – од управување и програмирање до одлучување и одржување на сложените системи, со што човечките капацитети остануваат клучни

Зачестените воени конфликти што денес се водат на повеќе места низ светот ги соочуваат модерните армии со итен предизвик да се приспособат на брзо менувачките услови на теренот со усвојување нови технологии и стратегии, но истовремено и со задржување и засилување на традиционалните капацитети, пред сѐ, во поглед на нивната бројност.
Според Програмата за податоци за конфликти во Упсала, минатата година е регистриран најголем број на меѓудржавни конфликти низ целиот свет откако организацијата почна да води евиденција во 1946 година. Во таква состојба се вели дека иднината на војувањето се создава во реално време, менувајќи ги условите каде се водат, како се водат и кој ги води борбите, со тенденција за хибридно војување со комбинирање на автоматизацијата и човечката сила.
– Победата им се насмевнува на оние што ги очекуваат промените во карактерот на војната, а не на оние што чекаат да се приспособат откако ќе се случат промените – своевремено рекол италијанскиот генерал од Првата светска војна, Џулио Дует, честопати нарекуван татко на стратешката воздушна моќ.
Најсвеж е примерот на Израелските одбранбени сили (ИДФ) во конфликтот против Хамас во Газа. Се смета дека ИДФ ги прифатиле новите технологии со невообичаена ревност, со што моментно фундаментално ја преиспитуваат сопствената структура, додека се соочуваат со прашањето како да се борат попаметно, побрзо и со помалку војници, а наедно да обезбедат технологијата да го подобрува човечкото расудување наместо да го замени.
– Сите мислат дека воздухопловните сили можат да ја добијат војната без чизми на теренот. Но видовме дека не е така – истакна Авив Шапира, извршен директор и коосновач на „Екстенд“ – компанија за одбранбена технологија што обезбедува системи за беспилотни летала за армиите.
И покрај сите дебати за машини што ги менуваат луѓето, Азар Гат, академски советник на извршниот директор на Израелскиот институт за студии за национална безбедност, тврди дека ваквите претпоставки погрешно ги разбираат технологијата и нејзината историја.

– Она што го знаеме од 200 години технолошки развој е дека работната сила не се намалува. Таа е трансформирана. Исто како што тенковите и авионите не ја намалија големината на армијата во 20 век, беспилотните летала и вештачката интелигенција нема да го избришат човечкиот фактор – тие ќе го редефинираат. Во многу улоги, беспилотните летала и другите роботски системи ќе ја заменат човековата активност, но идејата дека ова значи намалување на работната сила е неважна – тврди Гат.
Од 1980-тите и 1990-тите, вкупната работна сила и бројот на дивизии на ИДФ се намалени приближно за половина, наведува „Тајмс оф Израел“. Сепак, Гат го гледа ова како еволуција, а не како ерозија. Наместо да ја зголемуваат бројноста на пешадијата, Гат верува дека армиите ќе ја пренасочат работната сила кон управување, одржување и програмирање на сè посложени автономни системи – осигурувајќи дека луѓето остануваат неопходни, дури и кога машините преземаат поголем дел од физичката борба.

Војните на иднината ќе се водат низ различни домени, преку сензори, алгоритми и автономни системи – но победата сè уште ќе зависи од храброста, процената и поднесените жртви. Тим Свејс, директор за истражување во Хашкиот центар за стратешки студии, посочува дека дури и додека вештачката интелигенција станува поспособна, суштината на војната останува човечка – емоционална, морална и политичка. Според Свејс, овој парадокс го дефинира модерното бојно поле.
– На крајот на краиштата, во војната станува збор за користење насилство за постигнување политички цели, но исто така и за покажување на непријателот дека сте подготвени да пролеете крв за да ги постигнете вашите цели. Ако страдаат само машините, борбите нема да престанат – категоричен е Свејс.
За модерните армии, совладувањето на рамнотежата помеѓу автоматизацијата и човечките капацитети може да биде одлучувачки тест на претстојниот век – докажувајќи дека во ерата на машините, сè уште се потребни луѓе за да се осигури безбедноста и да се добијат војните. Р.С.


Изминатиот викенд одржана историски најголема воена парада во Полска

Од Варшава моќна порака, а посебно поврзана со Украина

 

  • Полска ја одржа најголемата воена парада во својата историја, со која Варшава демонстрираше дека силната национална армија останува еден од темелите на државната безбедност и суверенитет. Покрај моќта на воената техника и демонстрацијата на полската воена способност, парадата имаше и силна политичка порака. Украина не беше поканета да учествува на овој историски најголем воен спектакл во Полска, што се смета за уште еден показател за заладувањето на односите меѓу Варшава и Киев

Во саботата, во рамките на одбележувањето на Денот на полските вооружени сили, во земјата се одржаа паради на копно, во воздух и на море. На варшавската сообраќајница Вислострада продефилираа околу 2.000 војници и приближно 300 парчиња воена техника. На свеченоста во главниот град присуствуваа претседателот Карол Навроцки, министерот за национална одбрана Владислав Косинијак-Камиш, високи офицери, меѓу кои и началникот на Генералштабот, генерал Вјеслав Кукула, како и политичари и дипломати. Премиерот Доналд Туск и претседателката на Сенатот, Малгожата Кидава-Блонска, беа присутни на свеченостите во Гдиња, каде што беше претставен и поморскиот дел од одбележувањето. Над реката Висла прелетаа хеликоптери „АВ149“ и „AХ-64 апачи“, транспортни и школски авиони, како и повеќенаменските „Ф-16“ и новите „Ф-35“, од кои првиот пристигна во Полска во мај. Парадата беше проследена и со артилериски огнени ефекти, додека падобранци над Висла развиорија десет знамиња – на различни родови на вооружените сили, националното знаме, но имаше и знамиња на НАТО и на Европската Унија. Посебно значење имаше учеството на сојузничките воздухопловни сили. Германските „еурофајтер тајфун“, шпанските и германските транспортни авиони „А400М“ и францускиот танкер за воздушно дополнување гориво „A330 МРТТ“ испратија јасна порака за сојузништво и колективна одбрана. Но покрај моќта на воената техника и демонстрацијата на полската одбранбена способност, парадата имаше и силна политичка порака. Украина не беше поканета да учествува на овој историски најголем воен спектакл во Полска, што се смета за уште еден показател за заладувањето на односите меѓу Варшава и Киев. Во време на сериозни безбедносни предизвици во Европа, Полска со својата воена парада покажа дека вложувањето во сопствените вооружени сили, модерната техника и силните сојузнички врски го смета за клучна гаранција за националната безбедност. Пораката пратена од Варшава викендов беше мошне јасна. Имено, држава што сака да биде безбедна и суверена мора да располага со силна, модерна и добро опремена национална армија. П.Р.