НА 20. МЕДИТЕРАНСКИ ИГРИ ВО ТАРАНТО, МАКЕДОНИЈА ЌЕ НАСТАПИ СО 88 СПОРТИСТИ ВО 19 СПОРТА
- Македонските спортисти ќе се натпреваруваат во 15 индивидуални спортови: атлетика, бадминтон, бокс, борење во слободен стил, велосипедизам, карате, коњички спортови, мечување, пливање, ритмичка гимнастика, спортско стрелаштво, таеквондо, тенис, триатлон, џудо и четири екипни спорта, беше кажано на вчерашната прес-конференција во просториите на МОК
Македонија на претстојните 20. Медитерански игри (МИ), кои од 21 август до 3 септември ќе се одржат во Таранто (Италија), ќе оди со рекордна делегација од 130 члена, од кои 90 спортисти, кои ќе се натпреваруваат во 19 спорта. Свеченото отворање е закажано за петок, во 20 часот, на стадионот „Еразмо Јаковоне“.
– Одиме максимално подготвени. МОК даде максимална логистичка поддршка. Тоа значи патувањето, сместувањето, опремата и сето друго што се вика логистика. Ангажиравме и психолог, како и максимално професионална рекуперација. На опремата со нашите национални бои е и логото, кое ги содржи нашето знаме и МКД-кратенката, по што многу лесно ќе бидеме препознаени. МОК се потруди и да се доближиме и до најмладите со промотивна кампања. Сакам да испромовирам уште еден нов момент, а тоа е нашата македонска олимписка дијаспора. Ова тело активно ќе учествува во градење мост до сите наши иселеници коишто ја чувствуваат Македонија како своја татковина и до нивните деца. Очекувам нашите спортисти да се претстават во најдобро светло – изјави претседателот на МОК, Даниел Димевски, на вчерашниот прес пред почетокот на МИ во Таранто.
На Медитеранските игри се очекува да настапат околу 4.000 спортисти од 26 држави од Европа, Африка и од Азија, кои ќе се натпреваруваат во 28 спорта. Натпреварите ќе се одржуваат на 25 борилишта во Таранто и во повеќе градови во тој регион.
– По вторпат учествуваме како одбојкарска женска репрезентација на Медитерански игри. Овој пат сме многу помотивирани. Очекуваме да ја поминеме групната фаза и да ја израдуваме Македонија со што е можно повеќе победи – оптимистка е одбојкарката Емилија Поп Јордановска, која притоа се заблагодари за добрите услови за подготовките и добиената опрема од страна на МОК.
Македонски спортисти ќе се натпреваруваат и во 15 индивидуални спорта: атлетика, бадминтон, бокс, борење во слободен стил, велосипедизам, карате, коњички спортови, мечување, пливање, ритмичка гимнастика, спортско стрелаштво, таеквондо, тенис, триатлон, џудо, како и во четири екипни спорта, во ракомет и одбојка, машката репрезентација во баскет „три на три“, како и машката фудбалска репрезентација до 21 година.
Меѓу поискусните имиња во тимот се олимпискиот вицешампион во таеквондо Дејан Георгиевски, Милијана Релиќ, националниот маратонски рекордер Дарио Ивановски, борачите Магомедгаџи Нуров и Владимир Егоров, стрелачката Анастасија Мојсовска и пливачот Никола Ѓуретановиќ. Најмлада во македонската делегација е тенисерката Сара Митевска, додека најискусен натпреварувач е Лука Заложник, кој ќе настапи во коњички спортови. Најголем македонски адут за медал е сребрениот од ЛОИ во Токио, Дејан Георгиевски.
– За мене ова се трети Медитерански игри. Имам освоено сребро и бронза, сега одиме по злато. Очекувам сите македонски спортисти да го дадат максимум и да се вратиме со што повеќе медали – рече Георгиевски.
Македонските спортисти досега имаат освоено 14 медали на Медитеранските игри. Г.И.


































