Фото: ЕПА

ЕП ВО АТЛЕТИКА

  • Не можам да верувам дека сето ова се случува. Едноставно сум толку горда на себе и на начинот на кој се справив оваа недела, изјави Хант

Италија е апсолутен победник на годинашното Европско првенство (ЕП) во атлетика, кое во неделата заврши во Бирмингем (Велика Британија). Италијанците доминираа и по вкупниот број на освоени медали (22), но и по бројот на освоени злата (10). Покрај тоа, тие освоија уште по шест сребра и бронзи.
Сепак, до последниот момент беше неизвесно дали Италија ќе го повтори успехот од ЕП во Рим пред две години. Велика Британија и Северна Ирска беа блиску, но на крајот одлучи машката штафета 4х400 метри, во која Италија го освои решавачкото злато. Втора е Велика Британија со девет злата, осум сребра и две бронзи, трета Германија со шест злата, 10 сребра и пет бронзи, четврта Холандија со пет злата, три сребра и шест бронзи, а во најдобрите пет влезе и Норвешка со четири злата и две бронзи.
Британската атлетичарка Ејми Хант го оправда статусот на суперѕвезда пред годинашното ЕП во Бирмингем. Таа е првата атлетичарка во историјата што освоила четири златни медали на едно ЕП!

– Четири златни медали беа сон и можеби соништата навистина се остваруваат. Толку е надвор од границите на моите соништа што сум едноставно еуфорична. Не можам да верувам дека сето ова се случува. Мислам дека ќе го почувствувам тоа подоцна. Едноставно сум толку горда на себе и на начинот на кој се справив оваа недела – изјави Хант, пренесе „Би-би-си“.
На ова ЕП, Хант победи во трката на 100 метри (11 сек.), во трката на 200 метри (22,19 сек.), во штафетните трки на 4×100 метри (42,05 сек.) и на 4×100 метри мешано!
Покрај тоа, мешаната штафетна екипа на Велика Британија и Северна Ирска постави и нов европски рекорд (39,97 сек.) и со тоа стана првата мешана штафетна екипа што ја истрчала оваа делница под 40 секунди!
Холанѓанката Фани Бланкерс-Кун исто така има освоено четири медали на ЕП во 1950 година, но три беа златни, а еден сребрен. Легендарната Британка Дина Ашер-Смит исто така беше дел од мешаната штафетна екипа, која во Бирмингем освои медал, а вкупно 11. на европските првенства, што секако е голем подвиг. Освен неа, на никој друг не му успеало да го оствари овој успех.
Македонија на ова ЕП ја претставуваше само Дарио Ивановски, кој на маратонската трка го освои 46-то место во конкуренција на 60 натпреварувачи. Г.И.