Занимливости
Почнувајќи од 1976 година, веќе педесет години, 13 август се одбележува како Меѓународен ден на леваците – луѓе што пишуваат со левата рака и почесто ја користат.
„Не со таа рака“, „Со лева не се пишува“, „Почни со десна“, „Колку пати треба да повторам“ – ова се реченици што особено често можеле да се слушнат во минатото, а биле изговарани од родителите и наставниците, упатени кон децата што природно започнале да пишуваат со лева рака.
Леворакоста се сметала за недостаток, а околината на некој начин им испраќала порака на овие деца дека со нив нешто не е во ред. Сметале дека децата што пишуваат со лева рака прават нешто погрешно и се труделе на сите можни начини да го променат тоа. Денес се знае дека секој десетти човек на планетата е левак.
Меѓу нив се и некои од најголемите умови, како што се Леонардо да Винчи, Наполеон Бонапарта, Микеланџело, Аристотел, познати личности од денешницата како Бил Гејтс, тенисерот Рафаел Надал, актерката Анџелина Џоли, водителката Опра Винфри, пејачот Дејвид Боуви, готвачот Гордон Ремзи, пејачката Лејди Гага, креаторот на „Симпсонови“, Мет Гронинг (затоа Барт Симпсон пишува со левата рака). Во оваа низа е и еден од најголемите умови на човештвото – Никола Тесла. Тој како дете пишувал со лева рака, а подоцна станал амбидекстер – личност што вешто може да ги користи и левата и десната рака. Иако, веќе се знае дека леворакоста е само варијација, сепак живееме во свет на десничарите.
Ножиците, спиралните тетратки, отворачите и алатот, леваците ги користат, но вложуваат многу повеќе труд. На децата леваци не треба да им се префрла моливчето на десна страна, туку потребно е повеќе трпение за ние да се адаптираме на нивната различност. Треба да имаме на ум дека многумина токму со лева рака пишуваат, свират, сликаат и го прават светот поубаво место за живеење!
Ф.Д.


































