Трилогијата „Во потрага по главната улица Америка“ е новото остварување на реномираниот режисер Наум Пановски. Станува збор за документарен видеоколаж/асамблаж во три дела, изработен од архивски и актуелен видеоматеријал, во чиј фокус е тоа што се случува денес во Америка. Станува збор за типичен „он д роуд филм“, раскажан преку авторовото еднонеделно патување од Њујорк до Санта Моника во Калифорнија. Филмот се обидува да ги опсервира потресните и болни прашања за Америка и нејзините сложени противречности, кои сите ги имаме посведочено во последните пет години и кои доведоа до ужасен јуриш на неоконзервативизмот и на она што денес се именува како агресија на белата супериорност врз цивилната и демократска Америка.
Наум Пановски е театарски режисер, професор по режија и глума, теорија на театар, критика, драматургија и естетика. Дипломирал режија и магистрирал драматургија на Факултетот за драмски уметности во Белград, Југославија. Посетувал постдипломски студии по режија на универзитетот „Њујорк“, а докторирал театарска естетика на универзитетот „Тексас“ во Далас, Тексас. Тој е Фулбрајтов професор и експерт и уметнички директор на театарскиот проект „Поезис“ во Њујорк. Во изминатите триесет и пет години професионално работел во театар, на филм и телевизија и бил универзитетски професор во земјите од поранешна Југославија, во Европа и во САД. Неговото професионално театарско искуство вклучува работа како режисер, драматург, уметнички советник или продуцент на повеќе од педесет театарски продукции создадени во професионални театри низ светот. За време на неговата динамична кариера како режисер и драматург, тој работел со водечки драматурзи и актери во поранешна Југославија и во САД, како што се добитникот на Пулицерова награда – Пол Зиндел, добитникот на наградата „Оби“ – Марија Ајрин Форнес и Жан Клод ван Итали, Едуардо Мачадо, Роланд Рид. Како професор по режија, теорија и критика, Пановски предавал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Македонија, универзитетот „Тексас“ во Далас, Универзитетот за уметности во Филаделфија, Католичкиот универзитет во Вашингтон, ДЦ, Универзитетот во Њујорк, театарскиот и филмски институт – „Ли Стразберг“. Држел предавања, презентации и работилници за различните аспекти на театарот, режисерската практика и изведбата меѓу кои и симпозиумот на режисери „Ла мама“ во Сполето, универзитетот „Јејл“, колеџот „Смит“ во Нортхемптон, колеџот Бантли во „Бостон“, на Академијата за театарски уметности во Сараево. Добитник е на повеќе награди за своето режисерско-педагошкото творештво, а неговиот уметнички опус е меѓународно признаен. В.Д.