Древната империја Сионгну доминирала со азиските степи три века од 200 година пр. н.е. Империјата била во конфликт со Кина и тоа е една од причините зошто е изграден Кинескиот ѕид, но има многу малку оригинални информации за овој народ. Без никакви пишани записи, освен оние направени од кинеските хроничари што го сметаа народот Сионгну за варварски, империјата и нејзиниот народ долго останаа во сенките на историјата. Сега, древните докази за ДНК, комбинирани со плодовите од неодамнешните археолошки ископувања, ги откриваат тајните на една од најмоќните политички сили во таа ера.
Меѓународен тим научници завршија генетска студија на две гробишта по должината на западната граница на империјата Сионгну во денешна Монголија: аристократските елитни гробишта во Тахилтин Котгор и локалните елитни гробишта во Шомбузин Белчир.
Научниците ги секвенционираа геномите на 17 индивидуи закопани на двете гробишта и открија „исклучително високи“ нивоа на генетска разновидност, што значи, веројатно, дека империјата била мултиетничка, мултикултурна и повеќејазична, според новата студија објавена неодамна во списанието „Сајенс адвансис“.
Генетската разновидност беше пронајдена во одделни заедници, што сугерира дека империјата не била само шаренило од хомогени групи обединети со заедничка цел.
– Сега имаме подобра идеја за тоа како Сионгну ја прошириле својата империја со инкорпорирање различни групи и користење на бракот и сродството во градењето на империјата – рече Чонгвон Џеонг, вонреден професор по биолошки науки на Националниот универзитет во Сеул, во соопштението за јавноста.
Од проучуваните поединечни гробници, оние со највисок статус им припаѓале на жените, што укажува на тоа дека тие имале особено моќна улога во општеството Сионгну. Елаборираните ковчези содржеле златни амблеми на сонцето и месечината, кои биле симболи на моќта на Сионгну. Една гробница содржела остатоци од шест коњи и една кочија.

– Овие елитни жени поседуваа материјали не само за да го покажат својот статус (на пример, ремени и ѓердани) туку и да ја отелотворат моќта, како што се престижни добра за организирање политизирани гозби. Тие беа многу почестени за дарежливиот придонес од сите што присуствуваа на нивните погреби, покажувајќи го нивното континуирано општествено значење во нивните заедници во текот на нивните животи – рече Брајан Милер, археолог на проектот за студијата и доцент на Универзитетот во Мичиген.
Студијата открила и информации за животот на децата Сионгну. Адолесцентите, како и мажите, биле погребувани со лакови и стрели, но не и момчињата под 11 години.
– Децата добиваа различен третман во мртовечницата во зависност од возраста и полот, давајќи индиции за возраста на која полот и статусот биле доделени во општеството Сионгну – рече вишата авторка на студијата Кристина Воринер, вонредна професорка по антропологија на универзитетот „Харвард“ и лидерка на тимот во институт за еволутивна антропологија „Макс Планк“.
Урсула Броседер, праисториски археолог од Универзитетот во Бон, рече дека истражувањето обезбедило подлабок увид во социјалната структура и општеството на Сионгну користејќи ја генетиката како алатка.

– Возбудена сум што ќе видам повеќе студии од овој вид во иднина. Бидејќи бев една од луѓето што истакнаа дека зрелите жени се погребани со најпрестижните предмети, возбудена сум што гледам дека генетиката го потврдува овој став – вели Броседер.
Броседер додаде дека Сионгну често биле погрешно разбрани бидејќи повеќето информации за владата, како и други информации што потекнуваат од евроазиската степа, доаѓаат од текстови од царска Кина и Античка Грција, каде што главно номадските сточари се сметале за инфериорни.
Милер објасни дека Сионгну оставиле моќно наследство што ги инспирирало подоцнежните номадски режими што произлегле од евроазиските степи, како што се Монголите и Џингис-хан.
– Сионгну беше име на династија, а не на народ, само по себе; но тој династички режим многу влијаеше на народите во своите кралства и остави силно наследство во Евроазија – објаснува научникот Милер.
Тој додаде дека многу подоцнежни групи го присвоиле моќното име Сионгну (или Хунну) додека основале свои држави, овековечувајќи ги таканаречените „хунски“ ентитети дури и до Атила и на Хуните на работ на Европа неколку века по распадот на Сионгну во внатрешна Азија.