фото: Пиксабеј

Во Берово почнува првиот книжевно-уметнички фестивал „МалеМале” на кој ќе гостуваат познати писатели, уметници и музичари, чии дела ќе бидат претставени низ дводневната фестивалска програма.

Како што информираа организаторите, програмата ќе содржи изложба, поетски читања, книжевни промоции, слем-поетување и музички настапи.

– Фестивалот ќе се одржи во Берово и Пехчево, и покрај настапите на уметниците ќе создаде можности за интерактивно вклучување и на присутната публика. Со надеж дека ќе прерасне во традиција, МалеМале има за цел да го развигори културно-уметничкиот дух во Малешевијата и да послужи како потстрек за слични иницијативи од ист или сличен карактер, истакнаа организаторите.

Првиот дел од фестивалот ќе започне со почеток од 18 часот во „Сити Паб“ во Берово.

– Публиката ќе има можност да ја погледне изложбата на цртежи од Владимир Лукаш. Потоа ќе се одржи и промоција на книгата „Зборка“ од Тања Аждаја, а на поетското читање ќе можат да се чујат стихови од Владимир Мартиновски, Никола Маџиров, Тихомир Јанчовски, Тања Аждаја, Перица Сарџоски, Владимир Лукаш и Ана Голејшка-Џикова. После читањето, ќе се одржи и слем-поетување на Горазд Кени Китановски, а публиката ќе има можност за интерактивно вклучување – се вели во најавата за настанот.

Организатори на настанот се Тихомир Јанчовски и Тања (Павлеска) Аждаја, помогнати со средства од Министерството за наука и култура, со дозвола за користење на јавните површини од локалната самоуправа на град Берово. Упатија отворена покана до беровчани на стиховна гимнастика и поетско читање во срцето на Берово.