Истражување на човечката издржливост

„Вондерленд театар“ го најави својот најнов театарски проект, „Види, летам!“ – истражување на предизвиците со кои се соочуваат лицата со статус на бегалци, барателите на азил и лицата без државјанство. Авторка на претставата е Ана Трпеноска, режисерка е Ивана Ангеловска, а уметничка координаторка – Нела Витошевиќ. Улогите ги играат: Драгана Костадиновска, Никола Настоски, Исмет Шабановиќ, Ана Димитрова, Леонардо Лазов.
– Текстот за претставата го напиша Ана Трпеноска и е инспириран од автентичните искази и приказни на луѓето со кои и за кои работи УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци. Овие лица храбро ги споделија своите искуства анонимно за време на работилниците водени од тимот на „Вондерленд театар“.
Поддржана во рамките на партнерството помеѓу Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) и Младински образовен форум (МОФ), „Види, летам“ се обидува да ја поттикне емпатијата со бегалците и лицата без државјанство. Со доближување на овие важни човечки приказни, продукцијата има цел да поттикне подлабоко разбирање и поврзување во нашата заедница – посочуваат од театарот.
Премиерата на „Види, летам!“ е закажана за 7 ноември на малата сцена во МНТ, со почеток во 19 часот, а по премиерата, претставата ќе гостува во Тетово, Штип, Куманово и во Гевгелија, во текот на ноември и декември. Влезот за претставата е бесплатен.
– Ве покануваме да ни се придружите во ова моќно истражување на човечката издржливост и потрагата по припаѓање – покануваат од „Вондерленд театар“, независна театарска продукција со седиште во Скопје.
Главните цели на продукцијата се инспирација за промени, континуирано поместување на стандардите на следното ниво и внесување свежина на независната уметничка сцена, експериментирајќи со алтернативни места и виртуелен простор. Сепак, бескрајните можности за истражување и преиспитување на театарот се за земјата на чудата пред нас што чека да биде откриена. С.Ј.