Наскоро, во издание на „ВиГ Зеница“ од Скопје, ќе се појави новиот роман на Томислав Османли, насловен „Заборав“. Станува збор за хуманистички ангажирано книжевно дело фокусирано на ова време на зачестени деменции. Тоа е роман за сеприсутниот заборав на вредности и бришењето на меморијата за освоените слободи, во еден конзервативно и осаменички обликуван свет.
За разлика од четирите претходни романи, „Дваесет и првиот“, „Зад аголот“, „Бродот. Конзархија“ и „Столб што пее“, каде што Османли воодушеви со широките трансисториски опфати, „Заборав“ е синхониски роман; неговите повеќекратни наративи и богатата галерија разнородни карактери се длабоко вкотвени не само во траумите на овој град и земја туку и во оние на светот, од Европа до Америка.
Во него се појавуваат мали и големи луѓе, странски носители на високи државни функции, издавачи на мемоари, европски професори, пензионира ни актери, страдалници од Втората светска војната со ненадејно бликнати сеќавања, актери пред животните премиерски настапи, наши млади успешни научни истражувачи во медицинските и во социолошките науки, мажи и жени што среде еден отуѓен свет не престануваат да љубат и по цена на доживеаните животни метежи, несреќи и трагедии, луѓе од старски домови и млади момчиња што од овие земји со заборавени вредност заминуваат во потрага по подобро место на живеење, речиси без сеќавање за светот што го напуштаат…

– „Забрав“ е динамично, трауматично и наедно комично раскажана, бујна и ангажирана книга, што ги демистифицира светот на моќните и светот на малите луѓе и нивните колосални, историски и дневни заборави. Петтиот роман на Османли носи сосем ослободен расказен стил и градба и користејќи се со интерактивни и печатарски изразни медиуми, QR-кодови, веб-адреси, интернационална полиглотија, фусноти се обидува колку да потсети на некои големи и дребни некогаш актуелни– филмски, музички, рекламни – топли и човечни меморабилии; толку и да ја соголи оваа стварност што создава осаменици со колективни и индивидуалните заборави… Во своето најново книжевно дело Османли „без анестезија“ се занимава со цивилизацијата на производство на свет на симулакруми и манипулативна свест, која светот го улулкува во лажниот потрошувачки мултимедиумски сугериран рај, а од друга страна опасно го турка во нови историски ризици и неспокои. „Заборав“ е петтиот роман за Томислав Османли и книга за колосалното отуѓување од човечкиот бит, што денес жестоко ни се наметнува – се наведува во најавата на издавачот.