Пораката што оваа година ја упатува фестивалот е „Види нови светови, остани дете“, предлог на истакнатиот поет Никола Маџиров, кој беше прифатен со голема радост од фестивалската организација

Од денеска до 4 октомври ќе се одржи првото издание на интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, во организација на Театарот за деца и младинци – Скопје. Со ова, како што истакна Катарина Илиевска-Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци, конечно се реализираат долгогодишната желба и идеја на целиот колектив од театарот.
– Во далечната 1996 година бевме домаќини на една регионална иницијатива наречена „Балкански куклен фестивал“, но сега за првпат сме домаќини на еден поголем и позначаен фестивал за нас, кој го носи името на актерот што беше на свој начин заштитен белег за овој театар и генерално за детската театарска и филмска публика – рече Илиевска-Силјановска.

Фестивалот е со натпреварувачка програма и на првото издание ќе настапат девет претстави. Свеченото отворање е со „Том Соер“, во изведба на домаќините (ТДМ). Потоа следуваат: „Авантурите на баронот Минхаузен“ на театарот „Жар птица“ од Загреб, Хрватска: „Тивкото момче“ на детскиот театар од Крагуевац, Србија; „Мачката папучарка“ од Градскиот театар на Подгорица, Црна Гора; „Вечерва не сум сама“, во продукција на Албанскиот театар за деца и младинци од Скопје; „Авантурите на малиот Јују“ на градскиот куклен театар од Риека, Хрватска; „Јованче и Марика“ на театарот „Битолино“ од Битола; „До границата“ на театарската компанија „Петра“ од Италија; и претставата „Жирафа“ на театарот „Хоп Сињор“ од Атина, Грција.

Во рамките на фестивалот, покрај селектираните претстави, ќе има и тридневна работилница за кукларство, предводена од режисерот Јакуб Максимов од Чешка, а ќе се одржи и панел-дискусија на која ќе има презентација за меѓународната соработка на детските театарски продукции, преку искуствата на српскиот национален центар на меѓународната асоцијација на детски театри АСИТЕЖ. Селектор на фестивалот е актерот Владимир Лазовски, кој, според претседателот на советот, Драган Довлев, направил одлична селекција на претстави.
– Среќен сум што имаме фестивал и среќен сум што го носи името на нашиот колега Игор Маџиров. Во рамките на свеченото отворање, планираме постхумно да им доделиме признание во форма на плакета на членовите на неговото семејство за придонесот, трудот и трагата што ја остави за нашиот театар и, општо, за културата во нашата земја – потенцира Довлев.

Пораката што оваа година ја упатува фестивалот е „Види нови светови, остани дете“, предлог на истакнатиот поет Никола Маџиров, кој беше прифатен со голема радост од фестивалската организација.
– Упатувам порака до сите деца и родители – дојдете во детскиот театар, гледајте претстави и откријте нови светови. За миг побегнете од компјутерската реалност – истакна Изабела Новотни, актерка, која е членка на Советот на фестивалот.

Визуелниот идентитет на годинашното издание е на авторката Јана Андева, а како извршен продуцент се јавува Миодраг Костиќ. Фестивалот е со натпреварувачки карактер и ќе се доделуваат: гран при за најдобра претстава во целина, награда за најдобра режија за костимографија, сценографија, музика, за најдобар актер и актерка. За нив ќе одлучува тричлено жири, во состав: Диана Крзаниќ Тепавац, актерка и претседател на АСИТЕЖ – Србија, Благој Чоревски и режисерката Драгана Милошевски Попов.