Тамара Котевска: Границите на една мала земја не мора да бидат и граници
на нејзините приказни

Од малата Македонија до Лос Анџелес, патот на документарниот филм „Приказната за Силјан“ одамна ги надмина границите на една филмска продукција. Оваа година „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, беше единствениот филм од неамериканска продукција меѓу номинираните во своите категории, и тоа со две номинации за наградите „Еми“. Во две категории „Приказната за Силјан“ се најде во директна конкуренција со американски продукции. Особено силна беше номинацијата за „ексепшнал мерит ин документари филммејкинг“, каде што „Силјан“ беше еден од само два номинирани филма, додека во категоријата „оутстендинг синематографи фор нашнал програм“ се најде меѓу петте избрани остварувања. Наградите во двете категории им припаднаа на американски продукции.
Овој успех има уште поголема тежина затоа што доаѓа од мала земја и мала филмска индустрија, која не располага со буџети и продукциски услови како најголемите светски кинематографии. Токму затоа фактот што еден македонски филм стигна до две номинации за „Еми“ е силно признание за македонската кинематографија.
Од македонските села и пејзажи, преку светските фестивали и „Нешнал џиографик“, до црвениот тепих во Лос Анџелес, „Приказната за Силјан“ покажа дека една локална приказна може да стигне до светска публика.
– Тоа што ќе го донесеме дома од „Еми“ е едно незаборавно искуство од еден од најголемите светски настани по „Оскарите“, меѓународно признание, нова видливост за македонскиот филм и доказ дека границите на една мала земја не мора да бидат и граници на нејзините приказни – изјави Тамара Котевска.