Четвртото издание на гастрономско-музичкиот фестивал „Тејст д саут“ (Taste the South) почнува утре во Гевгелија. Во текот на три фестивалски дена, посетителите ќе имаат можност да уживаат во традиционални вкусови, локални гастрономски производи, вина, музика и програма наменета за сите генерации.
Годинешното издание ќе се одржи на нова локација – во Мега шопинг парк во Гевгелија. Фестивалот ќе започне утре во 18:30 часот, а програмата во петок и сабота ќе трае до 01:00 часот по полноќ. В недела содржините ќе започнат во 14:00 часот и ќе продолжат до полноќ.
„Тејст д саут“ четврта година по ред ги обединува гастрономската традиција, локалните производители, културното наследство и музиката во единствено фестивалско доживување. Секој фестивалски ден ќе биде посветен на различен препознатлив вкус од југот. В петок посетителите ќе можат да ја проследат подготовката и да дегустираат домашен ајвар. Саботата ќе биде посветена на смоквите и производите од нив, додека во недела ќе се одржи дегустација на традиционална ракија.

Во фестивалската понуда ќе учествуваат и локални производители и винарии, кои пред посетителите ќе претстават избор на производи и вина. На тој начин фестивалот ја промовира автентичната гастрономија на гевгелискиот регион и го доближува неговото културно и кулинарско наследство до домашните и странските посетители.
Низ тридневната програма, публиката ќе ја водат „Диверзија“ и Марко „Дај побрзај“.
– Со спојот на храната, виното, традицијата и музиката, „Тејст д саут“ продолжува да ја претставува Гевгелија како гостопримлива дестинација со препознатлива јужна енергија и автентична фестивалска понуда – велат организаторите.
Фестивалот е бренд на општина Гевгелија.
































