Наградуваната копродукциска претстава „Бог на колежот“ на Македонскиот народен театар, по освоеното гран при на „Денови на комедијата“ пристигнува пред струмичката публика. Вчера, во рамките на 34. меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, публиката имаше можност да ја проследи претставата „Бог на колежот“ – провокативна театарска приказна што отвора низа прашања и создава силен емотивен набој. Работена по мотивите на светски познатата драма „Бог на масакрот“ од Јасмина Реза, а во адаптација и режија на Весна Петрушевска, претставата ги отвора прашањата за ранливоста на човековата природа и распадот на општествените вредности. Преку судирот на две семејства, претставата нуди 90 минути интензивно и бескомпромисно театарско искуство.
Во актерската екипа се Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Благој Веселинов и Наталија Теодосиева, заедно со младите таленти од актерската школа на Весна Петрушевска. Претставата во Струмица доаѓа со потврден успех. Таа освои гран при за најдобра претстава на 28. МТФ „Денови на комедијата“ во Куманово, а Ѓорѓи Јолевски, првенец на МНТ, ја доби наградата за најдобар актер.
Фестивалот „Ристо Шишков“ се одржува од 8 до 13 септември.