Со комедијата „Покондирена тиква“ во режија на Микица Илова вечерва во домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци почнува манифестацијата „Месец на театарот“ во чии рамки љубителите на театарот ќе имаат можност да проследат седум театарски претстави. Манифестацијата „Месец на театарот“ ќе се одвива под мотото „Култура е…“. Таа е дел од „Кавадаречка културна есен 2022“ и ќе претставува вистински празник за љубителите на театарот, бидејќи на сцената на кавадаречкиот театар ќе можат да ги проследат актерските игри на актерите од Велес, Куманово, Гевгелија и Скопје.

Според програмата на манифестацијата за утре е предвидена претставата „Душички- Брачна игра“- премиера на продукцијата „Златен заб “ од Скопје додека за понеделник 14 ноември претставата „Како да (не) снимиш мрсен филм“ на кавадаречкиот театар. Народниот театар „Ј.Х. К. Џинот“ од Велес гостува со претставата „Синиот портокал“ на 15 ноември, а на 17-ти ќе се прикажува претставата „Име“ на театарот при домот на културата „Македонија“ од Гевгелија. Манифестацијата продолжува на 22 номеври со претставата „Пациенти“ на театарот „Провокација“ од Скопје, а последната претстава е предвидена за 28 номеври со комедијата „Секс и лаги“ на народниот театар од Куманово. Сите претстави започнуваат во 19.30 часот.

– Манифестацијата „Месец на театарот“ минатата пролет беше најавена како дел од одбележувањето на јубилејот 25 години театарска дејност на кавадаречкиот актер Диме Коцевски, што ќе се случи наредната година. Во јануари е предвидено издавање на монографија и изложба на фотографи од претстави во кои тој играл или ги режирал. Исто така се планира оваа манифестација да стане традиционална и во организација
на домот на културата да се организира фестивал на театарот кој на едно место ќе ги собере најуспешните театрски проекти од Македонија – вели директорката Јулијана Туриманџова. Ми.М.