Во рамките на богатата културна понуда на Град Скопје како Европска престолнина на културата 2028, самостојна изложба на слики насловена „Симболи“ ќе има авторот Љупчо Бојаров, утре, во 19 часот, во галеријата „КО-РА“ (голем салон), во ЈУ дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје.
Проектот е поддржан од Град Скопје и од ЈУ дом на култура „Кочо Рацин“, во рамките на годишната програма од областа на визуелните уметности, дизајнот и архитектурата и претставува збогатување на културната понуда за граѓаните и за сите посетители.
На оваа самостојна изложба, Љупчо Бојаров ќе се претстави со триесетина дела изработени во техниката фузирано стакло. Според авторот, делата ќе бидат претставени во три тематски целини: „Симболи во предели“, потоа „Рановизантиски симболи“ – симболи од 4 до 6 век на територијата на Република Северна Македонија, и „Детали“ – симболи од реконструираниот полилеј „Св. Димитрија“, Марков манастир, во 2023 година.
– Особено ме воодушевува играта на светлината во насликаното стакло во колоритот што е карактеристичен за моето творештво. Можностите што ги дава техниката на фузирано стакло се неограничени и ме радуваат идните резултати во оваа техника – изјави Љупчо Бојаров по повод оваа самостојна изложба во галеријата „КО-РА“.
Љупчо Бојаров е роден на 16.8.1959 година во Скопје. Училиште за применета уметност завршил во Скопје во 1978 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1984 година и оттогаш е член на ДЛУМ. Живее и работи во Скопје. Добитник е на многубројни награди, меѓу кои се и наградите од меѓународен карактер, во Македонија, Чехословачка, Шведска и Италија. Реализирал голем број самостојни и меѓународни самостојни изложби, 23 на број, во Македонија, Србија, Шведска и во Црна Гора.
Учествувал на голем број групни изложби во земјата и надвор, на 158 групни и меѓународни групни изложби, во Македонија, Србија, Црна Гора, Чехословачка, Унгарија, Словачка, Шведска, Шпанија, Англија, Франција, САД, Грција, Египет, Италија и во Бугарија.