Вечерва, со почеток во 20 часот, во Кинотеката во Скопје ќе се одржи традиционална ревија на филмови од последното 18. издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, кој се одржа во Струмица, под мотото „Со нови искуства“. Програмата опфаќа четири наградени странски кратки играни филмови: данскиот „Ивалу“, американскиот „Еж“, австралискиот „Штипење“ и британскиот „Ирско збогум“. „Ивалу“ на Андерс Валтер и Пипалук К. Јоргенсен е краток игран филм, номиниран за „оскар“ и добитник на „златна потковица“ на „Астерфест“, со приказна што се обидува на фантастичен начин да ги разоткрие тајните на гренландската природа. „Еж“ на Д. Митри е краток игран филм, добитник на „сребрена потковица“, кој ја допира човечката димензија во руско-украинската војна. „Штипење“ на Еми Патмор и Ана Дворжак е краток игран филм, добитник на „бронзена потковица“, обработувајќи суптилна тема за ученичка што се бори со тивката болест. Ексклузивно ќе биде прикажан и „Ирско збогум“ на Том Беркли и Рос Вајт, добитник на „оскар“ и на Специјална награда на „Астерфест“, филм што претставува трогателна сторија за отуѓените браќа принудени да се зближат по прераната смрт на нивната мајка.