Вечерва, во 19 часот, во галеријата „Пионери“ ќе биде поставена перформативната инсталација „Радикална емпатија“ на концептуалната и перформативна уметница Јулија Кастелучи. Користејќи го текстот како перформативен медиум, поттикнат од радикалната емпатија, таа создава емотивни пораки преку своите интервенции во јавниот простор.
– Нејзиното дело „Не брини“ не е уметност за пасивно гледање, тоа е покана за разбирање и поврзување, вдахната од духот на текстуалните перформативни дела во современата уметност. Делата на Кастелучи нѐ потсетуваат дека радикалната емпатија може да внесе длабочина и автентичност во комуникацијата помеѓу луѓето. Не пропуштајте го ова единствено искуство – порачуваат од „Пионери“.
Јулија Кастелучи е концептуална и перформанс-уметница. Работи на полето на временската и просторната уметност, чиј имерсивен пристап ја опфаќа звучната уметност, глас, видео, инсталации и интервенции во просторот во форма на звучна скулптура. Постојано инкорпорира особени лични теми и мотиви. Хуморот и сатирата често се присутни во нејзините дела, комуницирајќи со публиката во вербална, визуелна, звучна или писмена форма. Нејзината автентичност како звучна скулптура лежи во префинетата вокална естетика, тембр и фреквенцијата на гласот што ја прави врската помеѓу исконскиот и современиот вокален израз. Со својот глас таа создава апстрактен, емотивен цртеж на времето и просторот во кој се наоѓа. Јулија Кастелучи заедно со Сања Латиновиќ, Соња Радаковиќ и кустоската Јована Стокиќ влезе во потесниот избор за претставник на Србија на 60. Биенале во Венеција за 2024 година со проектот „Итен излез“. Моментално живее и твори во Белград.