„Дума ин сума“ го отвори повикот за учество во „Неименувана“ – работилница за креативно пишување со млади.
Петдневната работилница ќе се одржи на 16, 17, 18, 22 и 23 јануари, а наменета е за млади од 15 до 19 години.
Локацијата на работилницата е во дворецот „Лабораториум“, а од „Дума ин сума“ велат дека наместо гласник, праќаат формулар до млади што сакаат да се пријават на работилницата под менторство на компаратистките Ивана Смилевска и Марија Бошковска.
– Ако правиш пиши-бриши, кликаш и сликаш, пишуваш и си главна/главен со мимови во чет-групите, оваа работилница ќе ги прошири твоите знаења за новите дигитални комуникации, а наедно ќе те запознае со потеклото и варијантите на бајките, кои се развивале и приспособувале низ различни времиња и култури – пишува во повикот.
Од неформалното здружение за култура истакнуваат дека на работилницата ќе се анализира поврзаноста меѓу Заспаната убавица и Цепенков, потеклото на Пепелашка, а ќе може да се слушнат и историите на македонски хероини, кои со својот пркос придонеле кон едукативен, ослободителен и емпатичен развој во локален контекст.
Оттаму додаваат дека низ петте дена на работилницата ќе се буричка низ литературната светска и домашна историја и низ ќошињата на интернетот, барајќи ги сличностите и различностите на женското искуство преку фолклорните приказни и неименуваните автор(к)и на мимови и интернет-содржина.
– Во тоа ќе ни помогне и нашата гостинка менторка од Босна и Херцеговина – Хана Чурак, администраторката на феминистичката платформа „Све су то вјештице“, со која ќе одржиме онлајн предавање и ќе направиме и понекој мим – информираат од „Дума ин сума“.
Знаењата и думите собрани на работилницата ќе бидат сумирани во креативна пракса и авторски текстови, па дојди и раскажи ни го твоето „Си било еднаш…“. Авторските текстови ќе бидат „извезени“ на текстуални инсталации во склоп на активистичка акција атракција.
Овој повеќегодишен проект е поддржан од страна на Германското федерално министерство за надворешни работи и воспоставен од Регионалната канцеларија за младинска соработка.