Романите „Ние“ од Ана Стојаноска и „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска, кои влегоа во потесниот избор за книжевната награда „Пегаз“ за 2021 година, се објавени во издание на издавачката куќа „Арс ламина – публикации“, која ги промовираше двете книги. На конкурсот за наградата „Пегаз“ се пријавија и учествуваа 44 ракописи. Покрај лауреатот – „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков, можност за објавување добија и ракописите „Ние“ и „Мастилна мапа“.
– По темелното исчитување на сите пристигнати ракописи, генералниот впечаток беше дека доминираа реалистичното писмо и жанрот трилер. Покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2021 година ги разгледавме и ракописите „Ние“ од Ана Стојаноска и „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска, кои се издвоија од мноштвото по своите книжевни вредности – оригиналната нарација, структурните и стилските квалитети – истакна Бендевска.
Романот „Ние“ е концентриран на една навидум обична љубовна приказна, помеѓу една писателка и нејзиниот маж, а всушност раскажува неколку попатни приказни, постхумно откриени од страна на нејзиниот сега веќе возрасен син.
Стојаноска создала роман што излегува од рамките на вообичаеното раскажување и покажува како една љубовна приказна може да биде третирана како наративен предизвик. Ова е четврти нејзин роман, по „Јас и Лин, отпосле“ (за кој го доби „Рациновото признание“ за 2017 година), „Дијалози во еднина“ и „Лебед“.
Романот „Мастилна мапа“, пак, раскажува за тајна чувана со години, пренесувана преку допирот на мастилото. Приказна што ги поврзува легендите, желбата на човекот за семоќност и вечното прашање дали постоиме само ние или живееме во паралелни светови. Сè почнува со една обична тетоважа, што ќе биде причина за играта наречена живот или смрт. Случајна средба ги поврзува девојката и инспекторот што влегуваат во трка со времето следејќи го убиецот, кој постојано чекори пред нив. Ќе ја откријат ли приказната чувана со векови, која за обичниот човек е мит, а за оној што верува – порив да не запре додека не ја реши загатката? Марија Ралповска е млада авторка, која твори од најрана возраст, а првата книга ја има објавено на 14 години. Зад себе има повеќе публикации. Ова е нејзин втор роман во издание на „Арс ламина“, по трилерот „Сенки во подземјето“.