Промоција на стихозбирката „Сложувалка“ од Васил Ханџиски ќе се одржи в четврток, во 20.30 часот, во кафе-книжарница „Буква“. Промотор е Андреј Медиќ Лазаревски.
– Дебитантската поетска збирка на младиот поет Васил Ханџиски е сложувалка од теми посветени на првите искуства на секој млад човек, првите љубови и разделби, првите средби со градските ликови, фрустрациите од општеството. Поделена во пет дела, стихозбирката „Сложувалка“ е рефлексија на љубовта, домот и неговото напуштање, градовите и луѓето во нив, странствувањето и осаменоста, љубовта кон девојката, но и кон ракијата. Авторот ги поставува стандардните младешки прашања поврзани со овие теми, се осврнува на личните чувства, но и во неколку наврати упатува критика кон ова „општество што тоне во бездна“. Почнувајќи со алкохолот, минувајќи низ љубовта и домот, а завршува со себепромислување и опишување на другите, оваа збирка е своевидна панорама на она што значи младоста – јас во себе и сè околу мене – пишува Андреј Медиќ Лазаревски.