„Театар комедија“ е дел од иницијативата „Театрите поблиску до публиката“ на Министерството за култура. Одбележувајќи го Светскиот ден на театарот, покрај веќе планираната програма и премиера, на 6 април (сабота) ќе ја одигра претставата „Череп во Конемара“, во режија на Јане Спасиќ. Изведбата е закажана во 20 часот.
Автор на текстот е Мартин Мекдона (1970), препознатлив по својот апсурдистички црн хумор во драмските текстови и во филмските остварувања. Пиесата „Череп во Конемара“ е дел од трилогијата „Линејн“ и првпат е поставена во 1997 година во Градскиот театар во Голвеј. Дејството е сместено во рурално место во околината на градот Голвеј, во областа Конемара, каде што живеат навидум богоугодни и длабоко религиозни луѓе. Набрзо по разменувањето на првите реплики, се открива дека, всушност, ликовите се неморални, лицемерни, злобни, а дека Конемара е место каде што владее безвластие, па и најситна кавга или зајадлив коментар може да поттикне насилство, па дури и убиство.
Во претставата играат: Сергеј Димоски, Елена Кузманов, Виктор Арсов, Тони Денковски.