Премиера на авторскиот проект „Пингвинот“ на Тамара Стојаноска и Лео Поповиќ е закажана в недела во „Котур“. Претставата е реализирана според текстови на Данкан Мекмилан и Џони Донахју и документарни материјали на Вернер Херцо. Концептот и режијата се на Тамара Стојаноска, извршен продуцент е Бобан Алексоски, а улогата ја игра Лео Поповиќ. „Пингвинот“ е во продукција на „Златен Елец“.

– „Пингвинот“ е интерактивна експериментална монодрама во која заедно со публиката ќе се потсетуваме на обичните мали моменти за кои вреди да се живее. Претставата е работена според авторски текстови на тимот, „Еври брилијант тинг“ на Данкан Мекмилан и Џони Донахjу, и документарни материјали на Вернер Херцог. Со поврзувањето на сите овие материјали се фокусираме на теми околу менталното здравје, поточно депресијата и самоубиството, и симболично ги поврзуваме сите овие интензивни чувства и со животинскиот свет и пингвините, кои се едни од ретките животни што покажуваат знаци на депресија и суицид. Иако сѐ уште не постои точен научен факт зошто пингвините во одреден момент се одлучуваат за таква постапка, не можеме, а да не чувствуваме поврзаност со овие животни што можеби чувствуваат исто како нас. Претставата преку позитивни и комични моменти ја истражува комплексноста на тагата, генерациските трауми и растењето со депресивен родител – велат авторите.

„Пингвинот“ ќе се надградува со секоја нова изведба и интеракција со публиката и ќе отвора врата за дискусија и уривање на предрасудите за комплексноста на менталното здравје.