Долгометражниот документарен филм „Време на бетон“ во режија на Игор Иванов и во продукција на „Скопје филм студио“ ќе биде премиерно прикажан вечерва, во 20 часот, во киното „Фросина“ во МКЦ.
– „Време на бетон“ ја раскажува приказната за Скопје, поточно неговата архитектонско-урбанистичка историја. Особен фокус е ставен на модерната, која го следи градот од почетокот на дваесеттиот век, посебно кусата ера на брутализмот. Што е она што доведе до овој подем во време кога е тоа најпрогресивен правец во светската архитектура? Која е неговата вредност, естетска, архитектонска, практична и зошто тој со децении е предмет на политичка конфронтација, идентификација и антагонизам? „Време на бетон“ претставува обид да ги деконструира и објасни овие феномени. Грижливо компонираните кадри, дополнети со архивски снимки и фотографии, како и 3Д-анимации, водени од нарација, го прават овој филм едно уникатно аудиовизуелно патување низ скопскиот бетон и неговата контроверзност – велат од екипата на филмот.
„Време на бетон“ е снимен по сценарио на Игор Иванов и Томи Салковски. Автор на нарацијата што го води филмот е Ѕвездан Георгиевски, а наратор е Никола Ристановски. Соработници на сценариото се Мишко Ралев и Јордан Минов, изборот и изведбата на музиката се на пијанистката Дуња Иванова. Кинематографер е Ѓорѓи Клинчаров, монтажата е на Дејан Смилески, а дизајнот на звук на Игор Поповски. Продуцент е Томи Салковски. Овој филм е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.