Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во светот постојат примери каде што функционираат „земјоделски банки“,а во минатото и ние сме имале земјоделска банка. Тие им обезбедуваат специјализирани финансиски услуги на земјоделците, агробизнисите и на другите рурални клиенти за да им помогнат да управуваат со своите финансии, да инвестираат во нивните операции и да ги развијат своите бизниси

Субвенциите го стивнуваат пожарот, меѓутоа се потребни реални и конкретни стратегии

Македонија е зависна од увоз на храна, на основни прехранбени производи, кои во минатото во вагони и шлепери се товареле за да ги продаваме надвор. Земјоделството треба да биде еден од најважните приоритети на државата. Деновиве разговаравме со повеќе професори од Земјоделскиот факултет, бизнисмени од агробизнисот, како и со земјоделци низ Македонија и од сите тие разговори пронајдовме и издвоивме еден заеднички содржател: земјоделски банки!

Дали граѓаните се сеќаваат што беа тоа земјоделски банки?!

Во светот постојат финансиски институции за развој на земјоделството, т.н. земјоделски банки, кои им обезбедуваат специјализирани финансиски услуги на земјоделците, агробизнисите и на другите рурални клиенти за да им помогнат да управуваат со своите финансии, да инвестираат во нивните операции и да ги развијат своите бизниси. Во Македонија ваква институција не постои, нема земјоделска банка што има поспецијализирано разбирање за уникатните ризици и можности поврзани со земјоделскиот сектор. Ние сме земјоделска земја што треба да се стреми да ја надмине лошата состојба во која се наоѓа македонското земјоделство, а таа е резултат на комбинација од повеќе фактори што негативно влијаеја во подолг временски период наназад. Кај нас, од суштинско значење се поволната клима на финансискиот сектор, ефективната побарувачка за рурални финансиски услуги и вистинската посветеност на профитабилноста и одржливоста на работењето.
Според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), и покрај тешкотиите што ги зафатија банките за развој на земјоделството во повеќето делови од светот, тие продолжија да обезбедуваат важни финансиски услуги преку нивните мрежи на филијали. Во регионите каде што овие банки се затворени, нивниот удел на пазарот генерално не е пополнет од други финансиски институции. Дополнително, по неколку децении работење, овие банки имаат акумулирано вредни информации за клиентите, кои би биле скапи и одземаат многу време за да се реплицираат.

Главниот фокус на банките за развој на земјоделството е обезбедувањето кредитни олеснувања за развој и модернизација на земјоделството

– Секоја финансиска институција што следи добри практики може да стане одржлива и да ги комбинира достапноста и одржливоста. Но, генерално, институциите изградени врз принципите на самодоверба и приватна сопственост имаат подобри изгледи. За да го максимизираат својот опфат, институциите мора да бидат финансиски одржливи, тие мора да бидат способни да ги покријат сите свои трошоци, да ги мобилизираат сопствените ресурси, да ги заштитат своите средства од ерозија од инфлација и неотплата на заемите и да остварат профит за да го финансираат нивното проширување.
Главниот фокус на банките за развој на земјоделството е обезбедувањето кредитни олеснувања за развој и модернизација на земјоделството и сродните индустрии. Се проценува дека овие банки се одговорни за околу 85 отсто од институционалните кредити за земјоделскиот сектор.
Драги Димитриевски, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, вели дека проблемот на руралното кредитирање во Македонија е детектиран и нагласуван во повеќе анализи, споменувајќи дека дури и кај поединечни финансиски институции што обезбедуваат кредити за земјоделството постојат проблеми, особено во делот на обезбедувањето, односно кај хипотеките, и тоа беше една и од причините за послабата заинтересираност за кредитирање во земјоделството, а особено кај семејните земјоделски стопанства.
– Во светот постојат примери каде што функционираат „земјоделски банки“ и ние во минатото сме имале земјоделска банка. Но јас би ги потенцирал уште еднаш стратегиите за земјоделството. Ако се вратиме на стратегиите, таму е поставена цел дека во индикативниот финансиски план овие средства треба да достигнат до 30 отсто во вкупните буџетски поддршки. За жал, тоа не се остварува, а во минатите години овие средства зафаќале помеѓу пет и 15 отсто, што е многу малку. Јас сум поборник овој сооднос да биде и 50:50, со што ќе се интензивираат инвестициите и ќе се остварат и целите за рурален развој и зголемување на конкурентноста на земјоделството – потенцира Димитриевски.

Од осамостојувањето на државата, Македонија има изработено вкупно пет стратегии за развој на земјоделството

Тој додава дека во земјоделството нема брзи решенија и дека најпрво треба итно да се дејствува да се запрат негативните тенденции, а дури потоа да се тргне во заживување, споменувајќи дека ова не може да се случи прекуноќ, а прашање е дали може и во некој среднорочен период.
Како што вели Димитриевски, кај нас од осамостојувањето на државата има изработено вкупно пет стратегии за развој на земјоделството.
– Од 2007 година кога се започнати посериозните реформи за приспособување на македонската земјоделска политика кон заедничката земјоделска политика на ЕУ, се изработени три стратегии за развој на земјоделството и руралниот развој, кои на некој начин следат методолошки пристап на европските седумгодишни фискални периоди за заедничката земјоделска политика на ЕУ. Сега сме во период на спроведување на стратегијата за периодот од 2021 до 2027 година. Можам да кажам дека овие стратегии се базираат на сериозни анализи на сите потсектори, со утврдените проблеми и насоки за нивно надминување, со мерки и инструменти на земјоделската политика. Значи имаме стратегии, но, за жал, тие недоволно се спроведуваат и имплементираат – објаснува Димитриевски.
Според него, државата треба да го следи земјоделството и да води сериозни земјоделски политики со поддршка на овој сектор, бидејќи земјоделството е трет/четврти сектор што го создава БДП на државата, ангажира директно и индиректно многубројна работна сила и она што е значајно е главен извор на приходи на руралното население и ги одржува ресурсите (почва, вода, биодиверзитет), со што придонесува за виталноста на руралните средини, кои зафаќаат 87 отсто од територијата на државата.
– Она што е и главна политичка причина за поддршка на земјоделството и земјоделските политики е обезбедување доволни количества храна за населението на државата. И затоа речиси сите држави сериозно водат сметка и го поддржуваат земјоделството.
Како што вели тој, веќе со години се трошени огромни средства за субвенциите, кои во најголем дел се користени за купување социјален мир кај земјоделците, најголемиот дел од буџетските поддршки во земјоделството во минатото, но и сега одат во мерките за доходовна поддршка, што во суштина се во групата на социјални мерки.
– За жал, таква е состојбата и е една од причините зошто немаме посериозен исчекор во модернизација, во зголемување на продуктивноста, и она што е особено значајно во зголемување на конкурентноста на секторот, како клучно и за решавањето на пласманот и зголемување на доходовноста на производителите – истакнува професорот.

Ако се вратиме на стратегиите, таму е поставена цел дека во индикативниот финансиски план овие средства треба да достигнат до 30 отсто во вкупните буџетски поддршки. За жал, тоа не се остварува, а во минатите години овие средства зафаќале помеѓу пет и 15 отсто, што е многу малку, ако соодносот биде 50:50, ќе се интензивираат инвестициите и ќе се остварат и целите за рурален развој и зголемување на конкурентноста на земјоделството

Државна агенција за управување со земјоделството?

На прашањето дали треба да се формира некоја агенција за управување со земјоделството, која ќе ја водат земјоделци, за да се детектираат болните точки, тој вели дека нема потреба од посебна агенција, затоа што развојот на земјоделството се насочува со земјоделските политики за што е надлежно Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
– Како логистика во спроведувањето на мерките и инструментите тука е Агенцијата за финансиска поддршка на развојот на земјоделството и руралниот развој, а за трансфер на знаења до земјоделците тука е Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството. Значи имаме добра институционална поставеност, можеби се потребни одредени реорганизации со цел подобрување на координацијата меѓу нив. Многу е значајно зајакнувањето на капацитетите и знаењата на вработените, а особено зголемувањето на нивната мотивација со поставување систем за нивно вреднување и унапредување, и подобрено материјално обезбедување, пред сѐ на нивните плати со цел и да се задржат кадрите, што е појава што се забележува во овие институции – укажува Димитриевски.