Во летното кино „Мирно лето“ и во кинотечната сала при Кинотеката, во рамките на 12. „Филозофски филмски фестивал, се одржа, веќе традиционалната, ретроспектива на значаен филмски творец од филмската историја. По ретроспективите на Вендерс (2019) и на Тарковски (2021), годинава „Филозофскиот филмски фестивал“, во соработка со Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје и Кинотеката, организира ретроспектива на еден од најголемите синеасти на минатиот век, шпанскиот режисер Луис Буњуел.

Публиката ги погледна култниот „Андалузиски пес“ (1929), „Земја без леб“ (1932), „Симон пустиникот“ (1965), филмот „Виридијана“ (1961) и „Ангелот истребувач“ (1962) од мексиканската фаза на Буњуел. Ретроспективата продолжи со проекција на филмот „Дневникот на една собарка“ (1964), „Убавицата на денот“ (1967), „Дискретниот шарм на буржоазијата“ (1972). А се затвори со „Тој мрачен предмет на желбата“ (1977).
– Отворањето на главната програма е предвидено за в среда, со музички перформанс на Бранко Фолтин и проекција на „Додека трае војната“ (2019) од познатиот шпански режисер Алехандро Аменабар. Од 2 јуни, па сè до затворањето на фестивалот, публиката ќе може да ужива во мноштво филмови што се дел од официјалните селекции на долгометражни и краткометражни филмови, од кои најголемиот дел ќе бидат премиерно прикажани во Македонија, како и во филмовите што се дел од ревијалната програма: Филм-филозофија, а кои ќе бидат придружени со излагања на видни професори, филозофи, филмски критичари, писатели – информираат организаторите на „Филозофски филмски фестивал“.