Фото: Авалон Продукција

Јан Гилан, кој како и другите музичари ја почувствува одличната енергија во салата, ги поздрави присутните, истакнувајќи дека од публиката до нив допира неверојатна енергија. И во подоцнежните обраќања тој ѝ се заблагодаруваше на расположената публика, на која на крајот сите членови на бендот ѝ порачаа: „Македонија, те сакаме“

Легендарните британски рокери не им се даваат на годините

Сите што присуствуваа завчеравечер на концертот на легендарната британска рок-група „Дип парпл“, основана во 1968 година во Хертфорд, кој се одржа во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, беа дел од историски настан. Петтемина музичари, тројца од оригиналниот состав на бендот од 1968 односно 1969 година: Јан Пајс (тапани), Роџер Гловер (бас) и Јан Гилан (вокал, усна хармоника), заедно со Дон Ајри, кој е член на групата до 2002 година, кога го замени починатиот клавијатурист Џон Лорд, и новиот гитарист, извонредниот Сајмон Мекбрајд, кој дојде на местото на Стив Морс на оваа турнеја, кој беше дел од групата од 1994 до скоро, но ги откажа настапите поради болест во семејството, на повеќеилјадната публика во салата ѝ покажаа дека годините не им можат ништо и отсвирија незаборавен концерт.

Славните музичари повторно дојдоа во Скопје, како и во 2005 година, во организација на продукцијата „Авалон“, а пејачот Јан Гилан настапи и во 2016-та, кога одржа концерт со Македонската филхармонија. Иако се длабоко во осмата деценија, освен Мекбрајд, кој како најмлад член донесе свежа енергија во групата, сите со голем жар и желба за живи настапи повторно успеаја да го запалат пурпурниот оган во Скопје, со своите вонвременски хитови и дел од новиот материјал што неуморно го снимаат и нѐ потсетија зошто и по 55 години се на врвот.

Всушност, „Дип парпл“ во многу нешта го има префиксот нај – своевремено Гинис го прогласи за најгласен бенд на светот, неговите членови се пионери на хард рокот и со својата музика поставија високи стандарди и важат за еден од највлијателните бендови на планетата, бидејќи описменија многу сегашни музичари. И денес со голем багаж тие се концертно најактивни и најтиражни, а бројките говорат во прилог на тоа. И денес нивните турнеи се распродадени, а се проценува дека од почетоците, па досега продале над 100 милиони плочи.

Скопјани, како и многупати досега, се покажаа како фантастична публика, па полната арена „Борис Трајковски“, со љубители на рок-музиката од цела Македонија, но и од соседните држави, искреше од позитивна енергија уште пред официјалниот почеток на концертот. Во публиката имаше претставници на повеќе генерации, па и цели семејства, но најмногубројни беа оние чија младост ја обележи музиката на „Дип парпл“, чии песни на милиони луѓе во светот, исто како и ним им отвориле многу духовни прозорци. Тие овој пат уживаа во виртуозниот настап на легендите.
Песните звучеа моќно, но истовремено и нестварно, секоја проследена со видеоприказна на големиот видеобим, со одлично осветлување и моќен звук, иако можеби не толку многу гласен како порано. Јан Гилан коректно ги отпеа познатите хитови, но со оглед на неговите 76 години не може од него да се очекуваат вокални вратоломии, па другите членови на групата отсвиреа доста соло-делници, кои звучеа навистина одлично.

Гитаристот Сајмон Мекбрајд, според многубројните коментари, уште по првите неколку концерти од актуелната светска турнеја на „Дип парпл“, доби голем број комплименти дека го вратил звукот на групата на изворот, кој сега е поблизок до оној на Ричи Блекмор, кој несомнено остави големи траги во светската популарна музика. Има и такви што уживаат во солата на Стив Морс, кои му посакуваат побрзо враќање во бендот.

Двочасовното музичко патување почна нешто пред 22 ч., со инструменталката „Mars, the Bringer of War“, песна на Густав Холс, а сите во салата ги вовлече во својата магија уште со звуците на „Highway Star“, „Pictures of Home“, „Strange Kind of Woman“, „Nothing at All“, „Uncommon Man“…, Јан Гилан, кој како и другите музичари ја почувствува одличната енергија и ги поздрави присутните, истакнувајќи дека по многу години повторно се во Скопје и оти од публиката до нив допира неверојатна енергија. И во подоцнежните обраќања тој ѝ се заблагодаруваше на расположената публика, на која на крајот сите членови на бендот ѝ порачаа: „Македонија, ве сакаме“.
Со звуците на „Lazy“ веќе сите бевме „во пурпурниот филм“, а кога одекна баладата „When a Blind Man Cries“, која групата не ја изведувала на концерти од 2014 година, целата публика пееше со Гилан.

Следуваа „Throw My Bones“, „Time for Bedlam“ и трибјут посветен на клавијатуристот Џон Лорд, проткаен со музика на Моцарт и на Бах, а пред крајот ги препознавме и звуците на нашата „Јовано, Јованке“, што наиде на громогласен аплауз.
Со „Perfect Strangers“, „Space Truckin’“ повеќе од очигледно беше дека сме блиску до врвот на концертот, кој го означија звуците на најпознатиот гитарски риф на светот, од култната песна „Smoke on the Water“, кога целата сала пееше со Гилан. Тоа формално беше крај на официјалниот дел на концертот, кој по бисот продолжи со „Hush“ на Џое Саут, песна на која „Дип парпл“ ѝ даде душа, а големото финале, по два часа жешка свирка, го означија звуците на антологиската „Black Night“, која ја слушнавме на крајот на оваа пурпурна ноќ во Скопје, која уште долго ќе одекнува во меморијата на сите што беа дел од овој спектакуларен концерт.