Италијанскиот писател Пјетро Гроси гостува на промоцијата на неговата наградувана книга „Тупаници“ во Скопје. Преводот на оваа извонредна збирка од три новели е на Катерина Сотирова и е дел од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ. Промоторки на книгата се италијанистките Ирина Талевска и Катерина Сотирова.
Раскажани со штедлив и моќен глас што потсетува на Хемингвеј, Селинџер и Остер, трите приказни на Гроси го истражуваат обредот на премин од детски во возрасни години, со кој се соочил секој од нас – и што значи да се биде човек во овие модерни времиња. „Тупаници“, „Коњи“ и „Мајмун“се три моќни приказни за полнолетството на момчињата што се соочуваат со реалноста и се борат да останат живи во машкиот свет. Пјетро Гроси, писател и преведувач, е роден во 1978 година во Фиренца, a моментно живее и работи во Тоскана. Во 2006 година ja објави книгата „Тупаници“, која стигна до финалето на многу книжевни награди.