Тодорче Тасевски, директор на „Струшките вечери на поезијата“

На чело сте на „Струшките вечери на поезијата“ (СВП) во ера на пандемија. Со какви предизвици се соочивте за време на овие неколку изданија на фестивалот?
– Да се биде на оваа позиција на еден од најголемите и најстари поетски фестивали во светот, со импресивна историја, е професионален предизвик сам по себе, а во години на пандемија не само предизвик туку и огромна одговорност кон учесниците и кон публиката. И претходните раководства се соочувале со невообичаени предизвици, оружениот конфликт во 2001 година, турбулентната ситуација во 2004 година со територијалната поделба, но успевале да ги надминат и да ја зачуваат традицијата на одржување на фестивалот и во такви тешки околности. И тоа, меѓу другото, ми беше мотив да ги надминам предизвиците што ги наметна пандемијата, особено во 2020 година, кога во април и мај, месеци во кои вообичаено подготовките за фестивалот се во полн ек, бевме во карантин, а некои од најголемите светски фестивали, не само поетски туку и филмски и други, или целосно беа откажани или целосно беа реализирани исклучиво онлајн, во еден виртуелен формат. Во еден таков момент, заедно со тимот на фестивалот почнавме да разработуваме неколку можни сценарија за одржување на фестивалот. Претходната година, пак, по првите четири месеци, во кои беснееше еден од најсмртоносните бранови на пандемијата и кога и јас лично заболев од ковид, со тешки компликации и едномесечен престој на инфективната клиника, се чинеше дека летото пандемијата се смирува. Вакцините стануваа достапни, кампањите за вакцинација почнуваа, почнаа да се олабавуваат мерките и да се дозволуваат авионски летови со приложување ковид-сертификати. Покрај домашните поети, поканивме и странски поети, при што се фокусиравме на поетите од регионот, за да се избегнат загуби на финансиски средства поради неочекувано откажување авионски летови и веќе договорени гостувања во случај на ковид. Само мал дел домашни и странски поети беа претставени преку видеочитања.

Од една страна се трудите да се задржи децениската традиција, од друга се обидувате да внесете нова свежина. Колку е тешко да се одржи баланс меѓу двете?
– Програмата има свој препознатлив формат и содржини што се неодминливи: од традиционалното садење дрво во Паркот на поезијата, преку свеченото отворање и поетското читање Меридијани, портретот на добитникот на „Златниот венец“, портретот на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, меѓународна награда за дебитантска поетска збирка под покровителство на УНЕСКО, како и на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“, Ноќите без интерпункција, сѐ до завршната манифестација Мостови на Мостот на поезијата. Во еден ваков формат, навистина треба да се биде внимателен со внесувањето нови содржини, а сепак е неопходна потребата од наоѓање нови начини да се допре до пошироката публика. Со моето назначување на позицијата директор ја увидов потребата да се следи трендот на презентација на содржините на фестивалот на најчесто посетуваните социјални платформи. Ангажирав професионална продукција за реализација на директен пренос на целокупната програма на фестивалот преку стриминг во живо, па така публиката има можност да ја следи програмата на официјалниот јутјуб-канал на „Струшките вечери на поезијата“. Ја оптимизирав постојната веб-страница и ја зголемив видливоста на фестивалот на социјалните мрежи. Минатата година, бронзените плочки со имињата на лауреатите во Паркот на поезијата, кои беа цел на кражба поради материјалот, беа заменети со плочки од композитен материјал. На плочките се отпечатени имињата на лауреатите, заедно со земјата на нивното потекло, и се отпечатени кјуар-кодови, кои при скенирање со мобилен телефон ги водат корисниците до специјално создадени линкови на веб-страницата на СВП на конкретниот лауреат, каде што може да се погледнат неговата биографија и неговата поезија. За жал, некои од овие плочки исто така беа цел на намерен вандализам и уништување. Во иднина „Струшките вечери на поезијата“ треба да се движат во насока на користење на новите технологии, за да се зголеми интеракцијата со публиката и да се засили мултимедијалниот аспект на презентирање на поезијата.
Помладите автори често знаат да се жалат дека немаат рамноправен статус со оние од повозрасната генерација. Може ли воопшто да се прави таква „возрасна“ поделба во поезијата?
– Поделбата на поезијата по возраст, иако изгледа природно и логично, е еден застарен и надминат книжевно-историски концепт што ги категоризира поетите во т.н поетски генерации. Иако можат да се повлечат извесни паралели меѓу поетите што се генерациски блиски по возраст, тоа не подразбира нужно и поетичка блискост, односно блискост на главните одлики на нивната поезија. Вистински значајните поети ги задржуваат својата свежина и љубопитност и во поодмината возраст, а од друга страна има и млади поети што покажуваат поетска зрелост. Кога зборуваме за домашната книжевна сцена, точно, може да се каже дека помладите поети немаат рамноправен статус со оние од повозрасната генерација. Но истото тоа важело и за сегашните поети од повозрасната генерација кога се бореле за своето место на книжевната сцена наспроти етаблираните поети од претходните генерации, и тоа во систем што од една страна бил авторитарен, но од друга страна ја вреднувал книжевната дејност како општествено значајна.
Публиката постојано има чувство дека фестивалот е од затворен карактер, и покрај тоа што повеќето случувања се на јавен простор. Зошто се создава таков впечаток?
– Навистина ми е жал ако се создава таков впечаток. Напротив, фестивалот е од целосно отворен карактер за публиката, се случува на јавен простор, не се наплаќаат билети, како што е тоа случај со некои од најпознатите поетски фестивали во странство. Можеби поради природата на поезијата, која од една страна, во нејзините почетоци, се појавува како изведувачка уметност на рапсодот, кој пред насобраната публика ги пее славните епови, а од друга страна станува интимна лирска исповед што се создава и се чита во осаменост. „Струшките вечери на поезијата“ се место каде што може да се чуе и поезија за која читателот и слушателот треба да поседуваат извесен интелектуален багаж за да може да ја разберат и да уживаат во неа, но и место каде што може да се чуе поезија што плени со својата едноставност и комуникативност.
Многу од поетите често знаат да се однесуваат како ѕвезди. Некои и вистина се, но некои не се. Какви смешни, па и луди барања ви доставиле досега?
– Напротив, поетите ретко се однесуваат како ѕвезди. Оние поети за кои може да се каже дека се навистина популарни и читани во светски рамки, парадоксално, својата слава ја стекнуваат како прозни автори, како што е тоа случајот со добитничката на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 2016 година, познатата канадска писателка Маргарет Атвуд. А, сепак, токму таа за време на нејзиниот престој во Струга се покажала како сосема скромна во нејзините барања. Во мојот мандат не сум имал случај на некакви специјални барања од страна на поетите. Напротив, во најголем случај сите тие покажале целосно разбирање за моменталните можности на фестивалот и благодарност за гостопримството што им било укажано.
Секоја година се трудите да внесете нешто ново, што да очекуваме годинава?
– Годинава подготвивме еден навистина смел концепт за свеченото отворање, кој вклучува авторска преработка на една од најпрепознатливите песни на фестивалот од страна на реномиран музички бенд, инвентивно сценографско решение, впечатлив графички дизајн, и сето тоа под водство на една од нашите најпознати режисерки. За жал, поради метеоролошката прогноза за поројни врнежи на денот пред одржување на свеченото отворање, како и на денот на свеченото отворање, бевме принудени да донесеме одлука за промена на локацијата на свеченото отворање. Летната тераса на хотелот „Дрим“ оваа година е изнудено решение, што, за жал, ќе понуди еден модифициран концепт во однос на оригиналниот, замислен да се изведе на платото пред Центарот за култура. Се надеваме на разбирање од публиката, а се надеваме дека прогнозата за свеченото затворање, која е за нијанса поповолна, ќе се покаже точна и ќе се овозможи свеченото затворање, по двегодишна принудна пауза, да се случи на вообичаената локација, на Мостот на поезијата. И за свеченото затворање имаме предвидено комплементарно заокружување на концептот што ќе се види на отворањето.