Патувачкото кино на фестивалот „Македокс“ почнува со проекции на 18 јули во Пиперево, на 19 јули во Вељуса, на 21 јули во Моноспитово, на 22 јули во Босилово и на 23 јули во Габрово. Проекциите се бесплатни и почнуваат во 21 часот. Во рамките на патувачкото кино ќе се одржи и првата сесија од четвртата генерација на школата за млади документаристи „Македокс“ – „Докуникулци“. На патувачкото кино тие ќе се запознаат со документарниот филм, ќе развиваат свои приказни, ќе работат на нив во текот на годината и ќе ни ги прикажат на следното издание на фестивалот „Македокс“.
– Почнуваме од селото на две реки, Турија, на исток, и Струмица на запад. Продолжуваме во подножјето на Еленица, помеѓу Плавуш и Смрдеш во некогашно Палеокастро, каде што се плетеле кошници и се печеле грнени садови. Одиме во зелен спокој каде што ќе уживаме во румени домати, лубеници, дињи, но и во праз на кој му е посветен еден цел фестивал во комшии. Продолжуваме во селото на војводите, „селото на осамената куќа“, комшија на Еднокуќево, а по него кај Босилко. По течението на Гарлиева чешма крај ендемските папрати ќе завршиме со приказните крај водопадите, во селската идила крај чардаците со габровчани. Магаренцето ќе носи приказни, но и ќе собира. Ќе собира приказни од правнуците на комитите на југоистокот чии прадедовци ги предизвикале светските медиуми да пишуваат за Македонија со месеци уште во првата година од 20 век. Ќе собираме приказни за мравјалниците, блатото, ендемската флора, но и за одекот на македонскиот петвековен крик – приказната за првото модерно киднапирање во светот – велат од „Македокс“.