„Отскочна даска“ е поетско читање што ќе ги собере сите млади, надежни, познати или помалку познати поети и поетеси од домашната книжевна сцена, а кое е предвесник на претстојниот „Скопски поетски фестивал“ (СПФ), кој ќе се одржи од 29 август до 1 септември. Настанот ќе има натпреварувачки карактер и е наменет за поети и поетеси на возраст од 16 до 25 години. Победникот ќе се претстави на отворањето на фестивалот.
– Ние ќе ги избереме учесниците, а тие ќе си го одберат победникот што ќе отскокне до отворањето на второто издание на СПФ, на 30 септември, во Младинскиот културен центар – Скопје, и ќе чита заедно со другите учесници на фестивалот. Ако сте на возраст од 16 до 25 години и сакате да учествувате на „Отскочна даска“, испратете ни две ваши песни на мејлот [email protected] најдоцна до 10 август. Ги очекуваме вашите песни – велат организаторите.
Имињата на одбраните натпреварувачи ќе бидат објавени на официјалните страници на фестивалот на Фејсбук и Инстаграм, а читањето ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“, на 29 август, со почеток од 20 часот.
Фестивалот е поддржан од Град Скопје, од кафе-книжарницата „Буква“ и од Младинскиот културен центар – Скопје.