Фото: Приватна архива

Денес таа е студент на вториот циклус студии и се насочува во областа за заштита на животната средина. Работи и како виш лаборант и учествува во организирање на вежбите како дел од образовниот кадар на Институтот за географија. „Нова Македонија“ со повеќе написи ќе објавува каде се и што работат нашите некогашни најдобри дипломци

ОБРАЗОВАНИЕ – Каде се некогашните најдобри студенти?

Прогласена е за најдобар студент на Инстутот за географија при Природно – математичкиот факултет во Скопје во академската учебна година 2019/2020 и веднаш потоа почнала да работи како демонстратор на Институтот. Емилија Маневска својата академска приказна ја почнува во 2015 година.

– Кога ќе се присетам на тие денови можам да кажам дека бев малку исплашена бидејќи се соочив со нова средина, но истовремено бев одлучна и амбициозна за да ги совладам предизвиците и, за среќа, тие особини ме држеа постојано и сѐ уште не ме напуштаат – раскажува Емилија.

Фото: Приватна архива

Денес е студент на вториот циклус студии и се насочува во областа за заштита на животната средина. Таа работи и како виш лаборант и учествува во организирање на вежбите како дел од образовниот кадар на Институтот за географија.

– Факултетските денови засекогаш ќе останат во моето срце, од дружбите со колегите, среќата за секој положен испит, личната сатисфакција односно она чувство кога знаете дека нешто сами сте постигнале и карактерот што го градите додека се образувате се само дел од придобивките што доаѓаат со студирањето. Во новата академска средина наидов на прекрасни професори и асистенти, т.е. колектив што знаеше соодветно да нѐ едуцира, поттикне на нови знаења и поддржи во нашите напори да бидеме успешни. Не станува збор само за научното усовршување, кај младите можеби најважна од сѐ е и психолошката и емотивната поддршка на секој поединец односно да знаете да процените кој студент колку може и правилно да го насочите кон тоа за да го оствари својот максимум. Моето мислење е дека за секоја личност годините поминати додека сте на факултет се најклучни во градењето на самодоверба, личното достоинство и воопшто карактерот, па секогаш е многу значајно, покрај поддршката од семејството, која е многу важна, да имате поддршка и од останатото опкружување, односно професорите, колегите, и воопшто општеството кое со својот менталитет треба да се насочи малку повеќе кон пофалба и поддршка наместо критика кон младите луѓе – објаснува Маневска.

Според неа, она што е најважно за надградбата на секој млад човек е поддршката.

– За жал генерално, со чест на исклучоци, нашето општество не е насочено кон заштита на помладите, па понекогаш треба самите да си бидеме “ветер во грбот” но затоа индивидуално во нашите приватни животи секој од нас може да направи промена во таа смисла, односно да ги поддржуваме нашите пријатели или познаници што решиле да започнат нов бизнис, да се образуваат, да направат некој поголем чекор во кариерата итн. и со тоа да направиме позитивна промена и да ги придвижиме работите напред и индивидуално и општествено – додава таа.

Маневска не планира да замине од Македонија и покрај можностите што би можела да ги има и реализира надвор од земјава.

– Се решив да го продолжам моето образование во нашата држава бидејќи по природа сум вечен оптимист, па секогаш се надевам на подобро утре. Моментално ситуацијата со животната средина во Македонија е поразителна, па имав и мотивација плус за да се насочам кон таа област со надеж дека во иднина ќе можам да учествувам во некоја позитивна промена, но истовремено и да научиме да го цениме и заштитуваме она што го имаме во нашата земја. Научното знаење и моето надоградување во областа од животната средина секако е помогнато од кадарот на Институтот, особено од мојот ментор проф. д-р. Олгица Димитровска – вели Емилија.

Според неа, младите многу често бегаат од професии поврзани со образованието, најчесто поради малите примања.

– Работењето во образовниот процес си носи одредени придобивки – дискусиите со професорите и асистентите, градењето на критичките ставови кон различни проблематики, работата и постојаната комуникација со млади луѓе односно студентите се дел од тие придобивки. Меѓутоа можам да ги разберам и помладите – моите врсници, кои немаат афинитети или мотивација да се насочат со професија во образованието поради за жал ниските примања. Треба да почнеме да ги цениме нашите научни кадри бидејќи имаме навистина добри научници кои можат да бидат вистински ментори, а истовремено имаме и надежни млади луѓе кои можат многу да придонесат, а, за жал, не добиваат доволно признанија во сопствената земја. За крај мојата приказна можам да ја завршам со пријателски совет до сите млади луѓе, никогаш да не се откажуваат, да вложуваат и да веруваат во себе бидејќи само тоа е правилниот пат за успех, без разлика кое им е полето на интерес независно дали станува збор за спорт, наука, претприемништво или нешто друго – порачува Маневска.

Неодамна, заедно со двајца професори, Емилија правела истражување за ПМ10 и ПМ2.5 честичките во Скопје, осдносно истражување за тоа кои се причинители и анализа кога се најсконцентрирани во воздухот.

– Насочена сум кон истражување на воздухот особено во град Скопје бидејќи во зимскиот период ситуацијата со квалитетот на воздухот е алармантна – додава Маневска.